Најголемата нуклеарна централа во светот затворена во Јапонија еден ден по рестартирањето

Рестартирањето на најголемата нуклеарна централа во светот беше прекинато вчера, само еден ден откако беше рестартирана по речиси 14 години. Операторот на централата, „Токио електрик пауер компани“ (Тепко), изјави дека не знае кога ќе биде решен проблемот во централата Кашивазаки-Карива во префектурата Ниигата, објавува „Гардијан“.

Централата Кашивазаки-Карива е надвор од употреба од катастрофата во Фукушима во 2011 година, а процесот на рестартирање започна завчера откако доби конечно одобрение од нуклеарниот регулатор. Сепак, Тепко вчера објави дека „се огласил аларм од системот за следење за време на процедурите за стартување на реакторот“, што предизвика прекин на операциите.

„Не очекуваме ова да се реши за еден или два дена. Во моментов не е можно да се каже колку време ќе трае“, изјави на прес-конференција менаџерот на локацијата, Такејуки Инагаки. „Засега, целосно ќе се фокусираме на обидот да ја идентификуваме причината за тоа што се случило“, додаде тој.

Портпаролот Такаши Кобајаши објасни дека „откако стана јасно оти ќе биде потребно време, тие одлучија повторно да ги вметнат контролните прачки како што беше планирано“, додавајќи дека реакторот „е стабилен и нема радиоактивно влијание однадвор“.

Контролните прачки се уреди што се користат за контрола на нуклеарната верижна реакција во јадрото на реакторот. Нивното вадење ја забрзува реакцијата, додека нивното вметнување ја забавува или целосно ја запира. Кашивазаки-Карива е најголемата нуклеарна централа во светот според потенцијалниот капацитет, иако само еден од нејзините седум реактори сега е рестартиран.

Централата беше затворена во 2011 година кога Јапонија се откажа од нуклеарната енергија по силниот земјотрес и цунамито што предизвикаа топење на три реактори во електраната Фукушима. Јапонија, земја сиромашна со ресурси, сега се обидува да ја оживее атомската енергија за да ја намали својата зависност од фосилни горива.

Back to top button
Close