ЕК бара начини да ја заобиколи судската постапка на ЕП против Договорот со Меркосур
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата по вчерашниот неформален Самит, одржана околу еден часот по полноќ, најави дека ЕК е подготвена да продолжи со привремената примена на трговските договори меѓу ЕУ и Меркосур и покрај одлуката на Европскиот парламент да побара мислење од Европскиот суд на правдата за усогласеноста на овие спогодби со основачките документи на Унијата.

Фон дер Лајен изјави дека сè уште не е донесена никаква формална одлука, но дека Комисијата ќе биде подготвена да дејствува откако една од земјите од Меркосур ќе ја заврши постапката за ратификација на двата договори.
– Ќе бидеме подготвени кога ќе бидат подготвени и тие, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека постои „јасен интерес“ да се обезбеди што е можно поскоро стапување во сила на економските придобивки од договорите.
Постапката пред Европскиот суд на правдата може да трае со месеци, па дури и со години, поради тоа дел од земјите членки на ЕУ кои ги поддржуваат договорите со Меркосур бараат ЕК да најдена начин за нивна побрза имплементација.
Но, од друга страна Франција, која ги предводи противниците на договорите, смета дека преземањето какви било мерки за активирање на спогодбите би претставувало антидемократско маргинализирање на Европскиот парламент. Портпаролката на француската Влада, Мод Брежерон дури оцени дека некаква привремената примена на договорите со Меркосур би претставувало кршење на демократските принципи.





