(Видео) Невремето го зафати југоистокот: излеани реки, уништени ниви и угинати животни

Обилните врнежи од дожд што денеска ја зафатија Струмичката котлина предизвикаа сериозни поплави, излевање на реки и значителни материјални штети во повеќе населени места во југоисточниот регион на државата. Според првичните информации од терен, невремето резултирало со угинување на домашни животни, поплавени земјоделски површини и нагло зголемување на водостоите на реките.

Заменик директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, информираше дека сцените од теренот се, како што рече, апокалиптични. Во селото Костурино е пријавено угинување на домашни животни, додека огромни штети се евидентирани на земјоделските површини во атарите на Муртино, Моноспитово, Градско Балдовци и во други населени места. Посебно загрижувачка е состојбата со реката Тркања, чиј водостој достигнал нивоа што, според жителите, не се паметат со децении.

Во справувањето со надојдените води ангажирани се екипите на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, комуналните претпријатија од околните општини, приватна механизација, како и самото месно население, кое активно се вклучи во заштитата на домовите и имотите.

Градоначалникот на Струмица информираше дека дејството на циклонот што го зафати југоисточниот регион предизвикало интензивни врнежи, излевање на речните корита и поплави на повеќе локации. Тој денеска ги посетил најкритичните подрачја, меѓу кои и селото Муртино, како и други населени места каде состојбата била најтешка.

Според неговите изјави, уште од раните утрински часови механизацијата на ЈП „Комуналец“ била на терен, а дополнително била ангажирана и приватна механизација. Околу 17 часот попладне, состојбата почнала да се стабилизира, но екипите остануваат на терен и во текот на ноќта на сите критични точки каде постои ризик од ново излевање.

Надлежните служби се во постојан контакт со граѓаните и внимателно ја следат состојбата, особено имајќи предвид дека дождот, според најавите, ќе продолжи и во наредните часови и денови. Од локалната самоуправа апелираат на внимателност и навремено пријавување на сите проблеми, со цел брза реакција и минимизирање на штетите.

Back to top button
Close