АНАЛИЗА: Фијаско на јавните инвестиции, во 2025 та реализација под 66%
Од ресорите со милионски буџети за капитални расходи, најголема реализација имале МВР и Министерството за социјална политика. Во Министерството за транспорт и Министерството за одбрана, кои располагаа со стотици милиони евра за јавни инвестиции, една третина од парите останала неискористена, пишува Порталб. Дел од ресорите не успеале да реализираат ниту 10% од планот, а неколку пак остварила над 90% од планираното. Во 2025 капиталните расходи се реализирани со 65,76%. “Порталб” ги рангира ресорите според висината на буџетите и нивото на остварување на инвестициските проекти.

Кој ресор колку пари потрошил за капитални расходи
Министерството за транспорт и врски кое е на врвот според износот за капитални расходи, лани позиционирани на над 252 милиони евра, во економската 2025 та испорачало реализација од 73,1%. Втор ресор со “најголем” буџет за инвестиции во износ од 124 милиони евра е Министерството за одбрана кое од годишниот план реализирало 64,3%. Реализацијата на капиталните расходи во Министерството за финансии-функции на држава, од каде се алиментираат носечки капитални проекти и на централно и на локално ниво, од вкупно 63 милиони евра, реализирало само 32,2%. Овој сегмент од Министерството за финансии е “задолжен” и за проектите на општините кои се финансирани од Унгарскиот кредит.
Министерството за внатрешни работи испорачало позначајни 82,7% реализација на вкупниот буџет во износ од 35,5 милиони евра. Министерството за образование, кое лани имаше 42,5 милиони евра за капитални инвестиции, на крајот од годината испорача реализација од 60,4% додека Министерството за земјоделство од вкупната сума од 9,1 милион евра, потрошило 78,4%. Од вкупниот буџет за јавни инвестиции во износ од 8,5 милиони евра, Министерството за здравство потрошило 3,9 милиони евра или 53,5% од сумата.
Министерството за социјална политика и демографија од вкупно 7,1 милион евра за јавни инвестиции испорачало реализација од 78,8% а Министерството за животна средина од вкупниот буџет во износ од 58,4 милиони евра потрошило 70,3% додека во Министерството за енергетика реализацијата изнесува
Капитални расходи – реализација 2025 та
Мин за внатрешни работи 82,7%
Мин. за соц.политика и демографија 78,8%
Мин за земјоделство 78,4%
Мин за транспорт 71,3%
Мин за животна средина 70,3%
Мин за одбрана 64,3%
Мин. за образование 60,4%
Мин. за здравство 53,5%
Мин за финансии-функции на држава 32,2%
Извор МФ
Во групата ресори со ниска реализација спаѓаат Министерството за локална самоуправа со само 16,2% и Министерството за култура кое потрошило незначителни 9,6% од вкупниот износ за јавни инвестиции а помалку од 10% реализација има и во Министерството за правда. Министерството за економија и труд кое лани за капитални расходи имало незначителни 124 000 евра, испорача реализација од 41,5%. Реализација од 55,2% има во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Позначајна реализација пак на капиталните расходи имаат Министерството за јавна администрација кое потрошило 96,6% од планираната сума и Министерството за дигитална трансформација 90,6%. Во оваа група е и Министерството за спорт кое располагаше со поголема износ за капитални расходи од над 8,5 милиони евра при што од оваа сума потрошило 96,9%. Нула реализација на капиталните расходи има Инспекцискиот совет, Националната агенција за европски образовни програми и Бирото за судски вештачења. Годинава капиталните расходи се проектирани на ниво од 640 милиони евра. Од Министерството за финансии објаснија дека нивото на јавни инвестиции годинава е пониско во однос на лани поради реална проекција и структура на планираните капитални проекти.






