УНИЦЕФ: Првпат по две години училишни материјали влегоа во Газа
Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) соопшти дека првпат по две и пол години успеала да достави училишни пакети со наставни материјали во Појасот Газа откога тие претходно беа блокирани од израелските власти за време на војната со Хамас.

Илјадници пакети, кои вклучуваат моливи, тетратки и дрвени коцки за игра, веќе влегоа во енклавата, информира УНИЦЕФ.
– Во последните денови успеавме да внесеме илјадници рекреативни пакети и стотици т.н. училишта во кутија. Очекуваме во наредната недела да доставиме уште 2.500 училишни пакети бидејќи тие се веќе одобрени – изјави портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер.УНИЦЕФ ја зголемува образовната поддршка со цел да опфати речиси половина од децата на училишна возраст – приближно 336.000 – со разни форми на учење. Поради широкораспространетото уништување на училишните објекти за време на војната, наставата главно ќе се одвива во шатори – изјави Елдер.
Според најновата сателитска процена на Обединетите нации од јули, најмалку 97 отсто од училиштата во Газа претрпеле одредено ниво на оштетување.
Израел претходно ги обвинуваше Хамас и другите милитантни групи дека систематски се вгнездуваат во цивилни области и објекти, вклучително и училишта, и дека ги користат цивилите како жив штит.






