Муцунски да не манипулира, евроинтеграцијата на Македонија зависи исклучиво од спроведувањето на преземените обврски, реагираат од бугарското МНР

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко разочарување од „континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостигот на отвореност во комуникацијата со јавноста“. Како што посочуваат оттаму, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборувал за „иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ“ за организирање состанок меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија, што според бугарското МНР е манипулативно тврдење.
„Ова не е првпат Македонија официјално изнесува вакви нејасни и манипулативни тврдења. Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји-членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во оваа смисла, уште еднаш го го нагласуваме фактот дека дијалогот е институционален помеѓу земјата кандидат и ЕУ. Единствено и исклучиво од Македонија зависи да ги спроведе сите мерки наведени во консензусот, со цел да се унапреди процесот на европска интеграција“,
се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Во него се додава дека Бугарија секогаш е подготвена за отворен дијалог за сите други прашања.
„За жал, министерот Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса, во водењето на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за неговата посета на Софија на 25 ноември 2025 година за да се одбележи делото на Свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји“, велат од бугарското министерство.
Што се однесува до предлозите и оценките дадени од министерот Муцунски во врска со пристапот на Бугарија кон презентираниот нацрт-план за правата на заедниците, од МНР на Бугарија потсетуваат дека истиот бил отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради отсуство на фундаментални принципи за гарантирање на заштитата на човековите права.
„Очекуваме да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија“,децидни се од бугарското МНР.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера во своето гостување во Тема на денот на Сител, посочи дека во текот на минатиот месец имало сериозни иницијативи од неколку земји членки на Европската Унија за организирање средба помеѓу него и неговиот бугарски колега Георг Георгиев. Иницијативите, како што рече тој, дошле од „поголемите и повлијателните“ членки на ЕУ. Сепак, Муцунски рече дека од страна на соседна Бугарија немало позитивен одговор.
„Кога ја добивме таа понуда како Влада, бевме прашани да предложиме неколку датуми. Рековме не, определете го датумот нашата делегација ќе биде присутна на такви разговори. За жал, од страна на соседна Софија немаше позитивен фидбек. Тоа што би можел да го кажам е дека и деновиве повторно од Брисел има иницијатива за организирање на средба. И повторно ќе кажам, ние сме на располагање“, рече Муцунски во вчерашното телевизиско интервју.






