Левица: Мицкоски со џемпери од 2.000 евра смета дека барањата за зголемување на минималецот се нелегитимни
Партијата Левица го осудува, како што вели, циничниот и арогантен настап на премиерот Христијан Мицкоски со кој легитимните синдикални барања за зголемување на минималната плата се дискредитираат како „политичка агенда“, а, како што додаваат, реалната сиромаштија на стотици илјади семејства се релативизира.

-Кога носител на највисоката извршна функција, човек кој јавно и бесрамно демонстрира луксуз, држи лекции за нереалноста на барањата за повисоки примања на работниците, тоа е отворена демонстрација на класна ароганција и целосна отуѓеност од реалноста во која живее мнозинството граѓани, соопштуваат од Левица и додаваат дека фактите се немилосрдни.
-Македонија има најниска минимална плата во регионот, 73% од вработените земаат плата под просечната; секој трет работник преживува со помалку од 30.000 денари месечно. Во исто време, минималните трошоци на четиричлено семејство веќе надминуваат 66.000 денари и континуирано растат, додека инфлацијата ја еродира куповната моќ и ги поништува и законските номинални корекции на платите.
Наместо да преземе одговорност и да води активна политика за заштита на трудот, Владата на ДПМНЕ избира да ги стигматизира синдикатите и да ја криминализира нивната улога. Оваа реторика е опасна и има за цел да го замолчи организираниот труд и да ја прикаже борбата за егзистенција како „партиска интрига“, со што се удира директно по уставно загарантираното право на здружување и колективно дејствување, истакнуваат од Левица






