ОЈО проверува дали Заев и Филипче сакале да му ја преземат болницата на Жан Митрев

Основното јавно обвинителство Скопје проверува дали поранешниот премиер Заев и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, сакале да му ја преземат болницата на Д-р. Жан Митрев, соопштија од Обвинителството. Предметот е оформен по допрен глас, односно откако ВМРО-ДПМНЕ изнесе вакви информации преку партиски соопштенија и прес-конференции.
– Основното јавно обвинителство Скопје постапува и веќе презема дејствија на проверки во предметот оформен по допрен глас на 21.01.2026 година од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по однос на јавно изнесените наводи од лицето Жан Митрев, доктор и сопственик на Клиника „Жан Митрев“ – Скопје, а кои се однесуваат на тоа дека поранешен премиер и поранешен министер за здравство се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката.
Во предметот се вршат проверки со цел да се испита евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. – велат од ОЈО Скопје.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение сипратено до медиумите посочија:
– Филипче и Заев имале точно разработен план како да ја преземат болницата „Жан Митрев“. Класичен модел на дејствување на кланот Заеви и Филипче преку притисоци, уцена, закани, злоупотреба на институциите и влијание врз судски постапки да остварат лични цели и огромен профит.
За таа цел, Филипче и Заев имале добро подготвен план за што говори фактот со зголемувањето на сумата од ФЗО што ѝ се префрла на болницата. Сумата во 2020 година достигнала речиси 11 милиони евра, што е речиси двојно за разлика од сумата одвоена за болницата во 2015 година.
Планот за преземање на приватната болница не им поминал, што буквално би значело приватизирање народни пари.
Филипче да не молчи и да одговори дали навистина имал цел со преземање на болницата „Жан Митрев“ да си приватизира за лична корист пари од народот?
Колку ќе профитирале Филипче и Заев од зделката за планот што го скроиле и колку народни пари ќе завршеле во нивните џебови?
ЈО да го истражи случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“. – стои во соопштението на владејачката партија.






