Работниците го свртеа грбот кон Владата на протестот за повисоки плати

Како што тие две години ни го вртат грбот, сега ние да им го свртиме на нив, порача вечерва претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов на протестот на работниците пред зградата на владата на кој го изразија своето незадоволство од висината на платите.
„Да ги поздравиме со едно големо УА. Не заслужуваат ништо повеќе од тоа да го гледаат работничкиот грб, зашто се срамат да ве гледаат во очи. Се срамат и бегаат од вас, а вие сте ги бирале.“,
рече тој.
Посочи дека во владината менза има да се најде, како што рече, се и сешто, а премиерот ги убедува граѓаните дека не пие нескафе и не јаде цреши и грозје.
„Ова денеска може да биде само нов почеток на раст на работничките плати или почеток на крајот на мизерните плати, за што ќе се бориме без да отстапиме ниту милиметар“,додаде Трендафилов.
Според него, оваа Влада води најсиромашен народ во Европа и води најсиромашна држава во Европа.
Им порача на челниците во Владата да ги симнат розевите очила и да им погледнат во очите на работниците.
Како што порачаа претставниците од ССМ, ќе излегуваат на протести се додека не ја постигнат целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за сто евра.
Најавија дека ќе ги блокираат институциите и ќе донесат одлука за генерален штрајк за првпат во историјата на државата во приватниот сектор.
За обвинувањата дека протестот е политички монтиран, посочија дека денеска ги собрала маката, а не политиката.
„Не собра сиромаштијата, не собраа платите што не ни стигаат ни до 10-ти во месецот. Не собраа празните фрижидери и цените во маркетите. Не собра и синдикалната и минимална кошничка која изнесува 65 илјади денари, а не можеме да си ги приуштиме. Тука не не собра ниту политиката, ниту политичките партии, туку работниците и желбата за подобар живот и да останеме во оваа држава“,соопштија претставниците на ССМ.
Попладнево пред Работничкиот дом во Скопје почна протестот во организација на ССМ на кој работниците го изразија своето незадоволство од висината на платите.
Протестот потоа продолжи пред Собранието, од каде што Трендафилов најави дека ќе поднесат закон за намалување на платите на функционерите, а за зголемување на тие на работниците.
Протестот наиде на поддршка од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и Левица. Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека овој протест има политичка заднина.






