Кривична пријава против Фатмир Дехари: Буџетот на Кичево оштетен за околу 130 илјади евра
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Фатмир Дехари, поранешен градоначалник на Кичево и кадар на Демократска унија за интеграција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против уште четири лица за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Покрај Дехари, кривични пријави се поднесени и против Ф.А.(62) од село Зајас, А.Н.(38) од село Србица, Х.Б.(37) од село Црвевци и Б.С.(36) од село Стрелци.
Според информациите од полицијата, Дехари во периодот од 2021 до 2025 година, во својство на градоначалник на Кичево, свесно и со умисла постапувал спротивно на одредбите од Законот за работни односи и Законот за локална самоуправа, при што склучил договори за вработување со останатите пријавени лица. Потоа, со пропуштање на должен надзор, им дозволил тие да не доаѓаат на работа, а истовремено да им бидат исплаќани плати, надоместоци и придонеси од општинската каса, без по истекот на законскиот рок да им биде прекинат работниот однос.
На овој начин, според пријавата, буџетот на Општина Кичево бил оштетен за околу 130.000 евра, а пријавените лица се стекнале со противправна материјална корист. Како што наведува полицијата, секој од нив на своја сметка примил различна сума пари, иако биле свесни дека средствата се добиени по сторено казниво дело.
Надлежното јавно обвинителство треба да одлучи за понатамошното постапување по поднесените кривични пријави.






