ЕУ ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација

Шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија донесоа одлука да го прогласат иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда за терористичка организација, информира високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по завршувањето на Советот за надворешни работи на Унијата (ФАЦ).
– Ова ја става Гардата на исто рамниште со Исламската држава, Хамас, Хезболах и Ал Каеда. Оние кои манифестираат терор, мора да се третираат како терористи, истакна Калас.
Таа додаде и дека како одговор на ужасните репресии врз демонстрантите, што доведоа до загуба на голем број човечки животи, министрите донеле одлука да воведоа санкции кон оние кои се одговорни за бруталното задушување на протестите, вклучувајќи го и министерот за внатрешни работи на Иран. Дополнително, министрите вовеле и дополните санкции врз оние вклучени во иранската воена поддршка за Русија.
– Министрите беа јасни дека Иран мора да ги ослободи сите неправедно притворени, вклучувајќи ги и граѓаните на Европската Унија. Во иднина, мора да бидеме подготвени дополнително да го зголемиме притисокот врз властите и да продолжиме да го поддржуваме граѓанското општество во Иран, додаде Калас.
Таа информира и е дека на Советот е донесена одлука Русија да биде ставена на црната листа поради ризик од перење пари, што ќе ги забави трансакциите и ќе ги зголеми трошоците на руските банки.

– Во услови кога Русија се обидува да ја користи зимата како оружје, се наметнува потреба од финансирање на итна опрема и испораки на енергија за Украина. Токму денес обезбедивме дополнителни 500 генератори и 50 милиони евра енергетска поддршка. Со ова, нашиот енергетски фонд вкупно надмина 1,6 милијарди евра, но тоа не е доволно. Затоа предлагаме и формирање работна група со тимовите во Брисел и Киев за подобро координирање на енергетската поддршка што земјите членки би можеле да ја пружат, рече Калас.
Таа најави дека паралелно се работи и на подготовка на 20-от пакет санкции кон Русија, кој очекува да биде усогласен до 24 февруари, на четвртата годишнина од стартот на руската агресија врз Украина, а разгледуван е и предлог за забрана за влез во Шенген зоната на руски борци од украинскиот конфликт, како можен безбедносен ризик.
Калас потсети и дека минатата недела ЕУ ги доделени првите 10 милиони евра за да помогне во формирањето на Специјален трибунал за кривичното дело агресија, потенцирајќи дека Русија ја започна војната и мора да одговара за тоа.
На состанокот станало збор и за Сирија, при што било оценето дека договорот за прекин на огнот и отворањето хуманитарни коридори претставуваат позитивни случувања, но дека земјата е далеку од стабилна, а групата Исламска држава и натаму претставува постојана закана.
– Министрите нагласија дека инклузивната политичка транзиција и националното помирување се најдобриот пат за да се спречи Сирија повторно да се западне во хаос, истакна Калас.

На Советот се говорело и за состојбата Газа и за поддршката на ЕУ за мировниот план, при што е оценето дека безбедноста на Појасот мора да биде во рацете на палестинските полицајци, за чија обука Унијата ќе ги прошири своите активности во Јордан.
Шефовите на дипломатиите донеле и одлука за нови санкции за одговорните за ескалацијата на насилството и предизвикувањето на најтешката хуманитарна криза во Судан, а разговарале и за интензивирање на дипломатскиот ангажман на ЕУ, зголемување на хуманитарната помош и поддршка на регионалните напори за стабилизација на состојбата во африканскиот регион на Големите езера.
Калас оцени и дека изминатите недели јасно ставија до знаење дека има промени, а непредвидливоста, зборот што ја дефинираше 2025 година, а исто така ќе ја дефинира и 2026 година, повеќе не е исклучок.
– Русија претставува голема закана. Кина е долгорочен предизвик со кој се соочуваме. Блискиот Исток останува постојано нестабилен. Но, нова променлива е фундаменталнаткаа преориентација од другата страна на Атлантикот. Министрите денес разговараа за тоа како да останеме обединети пред сите овие предизвици. Кога сме поделени, ние сме слаби, а кога сме слаби, можеме да бидеме притиснати отстрана, рече Калас.
Според неа, јасно е дека за да стане посилна, Европа мора да ги продлабочува своите партнерства, како она со договорот постигнат со Индија оваа недела, а за тоа може да придонесе и нејзината нова безбедносна стратегија.






