Киев: Веќе работиме со „Спејс Икс“ за спречување на користењето на „Старлинк“ од Русија при напади со дронови

Украинското Министерство за одбрана соопшти дека веќе соработува со американската компанија „Спејс Икс“ за решавање на прашањето за користењето на сателитскиот систем „Старлинк“ од страна на Русија при напади со дронови.
Според изјавата на украинскиот министер за одбрана Михајло Федоров, неколку часа по појавата на руски дронови поврзани со „Старлинк“ над неколку украински градови, тим на Министерството стапил во контакт со „Спејс Икс“ и предложил можни решенија за проблемот.
„И благодарам на претседателката на „Спејс Икс“ Гвин Шотуел и лично на Илон Маск за нивната брза реакција и за тоа што веднаш започнаа да работат на решавање на ситуацијата, напиша Федоров на социјалната мрежа Телеграм.
Тој потсети дека одлуката на Маск брзо да го активира „Старлинк“ и да испрати терминали за сателитски интернет во Украина на почетокот на руската инвазија била од клучно значење за стабилноста на земјата.
„Западните технологии треба да продолжат да му помагаат на демократскиот свет и да ги штитат цивилите, а не да се користат за тероризирање и уништување на мирни градови“, нагласи Федоров.
Според Укринформ, руската армија сè почесто го користи „Старлинк“ за напади со дронови, за спротивставување на украинските средства за електронско војување и за зголемување на ефикасноста и прецизноста на ударите.






