Виткоф за предавањето на оружјето на Хамас: Немаат избор

Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф изјави дека е уверен дека палестинската милитантна група Хамас ќе се разоружа како дел од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа.

– Ги отстранивме терористите од таму и тие ќе се демилитаризираат. Ќе го направат тоа затоа што немаат избор. Така што, го очекуваме тоа, рече Виткоф на состанокот на американскиот Кабинет, конкретно споменувајќи дека организацијата ќе ги „предаде АК-47“, јуришните пушки познати и како Калашникови.

Според првата фаза од мировниот план, примирјето меѓу Израел и Хамас стапи во сила на 10 октомври 2025 година. Како дел од договорот беше извршена и размена на заложници и палестински затвореници.

Втората фаза од планот на Трамп во 20 точки предвидува разоружување на Хамас и воспоставување на меѓународни сили за стабилизација (ИСФ). Сепак, милитантната организација одлучно одбива да го положи оружјето.

– Многу луѓе рекоа дека никогаш нема да се разоружат. Изгледа дека ќе се разоружат, рече Трамп на состанокот на Кабинетот.

Според извештаите на израелските медиуми, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на крајот на годината го информирал Трамп дека Хамас сè уште поседува околу 60.000 Калашникови во Појасот Газа.

Хамас е подготвен да се откаже од контролата врз Појасот Газа, но одбива да се разоружа. Израел тврди дека милитантната група го искористила времето за прегрупирање. По примирјето, групата презела насочени чекори за повторно воспоставување на својата контрола и моќна позиција во Појасот Газа, велат од Израел, пренесе ДПА.

Мировниот план на Трамп за Газа беше поддржан со резолуција на Советот за безбедност на ОН во ноември. Главната цел на планот е да се донесе траен крај на војната меѓу Израел и Хамас и да се обнови крајбрежниот појас, кој е во голема мера уништен по две години војна.

 

Back to top button
Close