ЕК не планира кривична постапка против Хололеј: Во извештајот на ОЛАФ се идентификуван главно административни прекршоци
Одлуката за раскинување на договорот за работа со високиот советник во Генералниот директорат за меѓународни партнерства (ДГ ИНТПА), Хенрик Хололеј, Европската комисија ја донесе откако вчера заврши внатрешната истрага околу ова прашање, изјави денеска портпаролот на ЕК за Балаж Ујвари во одговор на новинарско прашање зошто се чекало толку долго време за преземање санкции против овој висок службеник на Комисијата.

– Истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) започна во март или април 2023 година, што во јули 2024 резултираше со доставување извештај со препораки до Европската комисија, вклучувајќи и една за отворање дисциплинска постапка. Токму тоа и беше направено и оваа постапка заврши вчера, изјави Ујвари.
На прашање зошто Европската комисија не иницирала покренување кривична постапка против Хололеј пред белгискиот правосуден систем, Ујвари одговори дека прекршоците што се посочени во извештајот на ОЛАФ, главно биле административни и немало идентификуван никаков кривичен аспект.
– Ја разгледуваме ситуацијата и одлуката што беше донесена вчера е одраз на анализата што беше вршена во последните 18 месеци, рече Ујвари.
Во образложението на ЕК за давањето отказ на Хололеј се наведува дека таквата одлука е донесена врз основа на наодите од внатрешна истрага поврзана со наводни „административни прекршувања“.
Истрага на ОЛАФ против Хололеј е покрената врз основа на добиени информации дека во времето кога бил генерален директор на Генералниот директорат за мобилност и транспорт на ЕК (ДГ МОВЕ) разменувал доверливи детали за голем договор за катарското воздухопловство, за што за возврат примил подароци за себе и за негови блиски луѓе. Во дисциплинската постапка против Халолеј е утврдено „неовластено прифаќање подароци, судир на интереси и прекршување на принципите на доверливост“.
Хололеј беше прв човек ДГ МОВЕ од октомври 2015 до март 2023 година, а еден месец потоа е именуван на досегашната позиција советник во ДГ ИНТПА.
Претходно, од 2001 до 2002 година Халолеј е министер за економски работи на Естонија, за од мај 2004 година да биде именуван за шеф на кабинетот на поранешниот естонски еврокомесар Сим Калас, должност што ја извршува до ноември 2013 година кога е избран за заменик генерален секретар на ЕК.
Инаку, Сим Калас е татко на актуелната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.






