Парадокс на правдата: Новинарката Вејсели е осудена оти го кажала името на судијата во судско известување, обвинител ја гонел за злоупотреба на лични податоци
Обвинителството ја гонело, а судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар ја осудила новинарката Љиридона Вејсели на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, само затоа што во новинарско известување го спомнала името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.

Вејсели за „Скопје1“ изјави дека пресудата се однесува на тема што ја обработувала за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало. Во тој предмет, како што посочува новинарката, судијата Илјази изрекол казна од три месеци ефективен затвор.
„Осудена сум затоа што го спомнав името на судијата во контекст на судска одлука за сериозен кривичен случај. Казната е 700 евра за наводна злоупотреба на лични податоци“, вели Вејсели.
Во писменото образложение на пресудата, судијката Мишоска наведува дека на 28 октомври 2024 година новинарката, без согласност на судијата Назиф Илјази, ги користела неговите лични податоци – име и презиме – преку објави на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок, со што, според судот, му нанела штета на честа и угледот во неговата професионална дејност, која ја и3звршува повеќе од 37 години.
Судот заклучил дека со ваквите дејствија се исполнети битните елементи на кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“ од Кривичниот законик објави Скопје1.мк.
…






