Вучиќ потпиша измени на судски закони, кои Брисел ги оцени како чекор назад на патот кон членство

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска потпиша укази за прогласување сет закони од судството, кои ЕК ги оквалификува како „сериозен чекор назад во процесот на европска интеграција на земјата“. Со тоа, законите што беа усвоени од владејачкото мнозинство во српскиот парламент на 28 јануари, стапија во сила.

Европската комисија го повика Белград, по усвојувањето на законите, да ги разгледа во „најкраток можен рок“ и да ги усогласи со европските стандарди.

Комисијата оцени дека законите „ја поткопуваат независноста на судството, како и автономијата и функционирањето на обвинителствата“.

– Кога има земја што е кандидат за европска интеграција, а Србија е, очекуваме таа земја да се однесува на европски начин. Тоа е сериозен чекор назад, бидејќи тие измени беа усвоени на многу брз и нетранспарентен начин, без никакви консултации, изјави вчера јануари европската комесарка за проширување Марта Кос.

Претставниците на опозициските партии во Србија тврдеа дека суштината на промените е Владата да врши поголема контрола врз судството и да ја намали објективноста во функционирањето на јавните обвинителства. Измените на Законот за јавно обвинителство, како и за судиите, и измените на Законот за седиштата и подрачјата на судовите и јавните обвинителства беа усвоени со отфрлање на сите амандмани на опозицијата.

Back to top button
Close