Мицкоски за Резолуцијата од ПССЕ: Ова е историски ден, рамо до рамо со прогласувањето на независноста

Резолуција со која Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) го затвора постмониторинг-дијалогот со Република Северна Македонија, премиерот Христијан Мицкоски смета дека е историски успех за државата. Ова, според Мицкоски, е историски момент, рамо до рамо со денот кога е прогласена независноста и го потврдува квалитетот на македонската демократија и владеењето на правото.

Според премиерот, одлуката од Стразбур е најсилниот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси што ги мониторира Советот на Европа.

„Тоа значи дека Македонија веќе не е опфатена со постмониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, оние земји што ги сметаат за фронтранери во регионот, Црна Гора или Албанија, сè се уште во мониторинг или се во постмониторинг. А само пред три-четири месеци земја членка на Европската Унија, како Бугарија, излезе од тој постмониторинг, сега и ние излегуваме“,

рече Мицкоски. 

Мицкоски вели дека ова е само уште една добра вест покрај онаа со која ЕУ го препозна проблемот со транспортерите.

„Во периодот што следува ќе има уште многу добри вести, така што сите оние невистини, лаги, од страна на опозицијата, кои беа кажувани изминатиот период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите, кои ги засилуваат лагите во опозицијата мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене, но и на Владата“,

рече Мицкоски.

Тој повтори дека нема поголем демант од оној што дојде директно од Советот на Европа од каде што велат дека Македонија како држава е зрело демократско општество.

„Се вели дека владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот, и дека таа држава е зрела за понатаму навистина да ја гледаме како зрела демократија за разлика од другите земји од Западен Балкан, кои се или во постмониторинг или во мониторинг“,кажа Мицкоски.

Back to top button
Close