Нова интернет-измама со лажни „непреземени пакети“ од Темu


Измамата најчесто се шири преку профили кои се претставуваат како официјални дистрибутери на популарната онлајн-платформа Temu.

Во објавите се тврди дека компанијата започнала специјална програма за распределба на наводно „непреземени“ или „заборавени“ пакети кои останале во магацините. Како доказ, се користат манипулирани или преземени фотографии од магацини преполни со електронска опрема, со цел да се создаде впечаток на легитимност.

Од граѓаните се бара да пополнат кратка онлајн-форма и да платат само „симболична цена за достава“, со ветување дека пакетите ќе бидат испорачани на целата територија на државата во рок од еден до три дена. По внесувањето на податоците, корисниците ризикуваат злоупотреба на личните информации и податоците од платежните картички.

Предупредување од експертите

Експертите за кибер-безбедност предупредуваат дека станува збор за класичен обид за „фишинг“ (phishing), чија цел е кражба на финансиски и лични податоци. Како најчести знаци за препознавање на измамата се наведуваат:

– Ветување на скапи уреди по нереално ниска цена

– Линкови за „учество“ кои се објавуваат во коментари или преку приватни пораки, наместо на официјални веб-страници

– Вештачки ограничен рок за наводната понуда, со цел да се создаде чувство на итност и притисок

Надлежните и експертите апелираат граѓаните да бидат внимателни, да не оставаат лични податоци или броеви од платежни картички на сомнителни страници и секогаш да ја проверуваат веродостојноста на ваквите понуди преку официјалните канали на компаниите.

Back to top button
Close