Мицотакис: Одобрените 788 милиони евра за Грција од европската програма САФЕ се важен чекор за зајакнување на земјата во сите области

Грчкиот план САФЕ вклучува шест програми од стратешко значење, со акцентот на новите технологии, беспилотните системи и безбедните комуникации, во соработка со земји како Кипар, Норвешка, Полска и Бугарија. Ова е многу важен чекор за зајакнување на нашата татковина на сите полиња – во одбраната, дипломатијата, но и на економијата и општеството, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата традиционална неделна објава на Фејсбук, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека одобрените 788 милиони евра за Грција од ЕК во рамките на европската програма САФЕ за финансирање на одбранбени проекти „е дел од заедничкиот европски напор за зајакнување на одбраната и подготвеноста на Унијата, преку амбициозниот пакет мерки Подготвеност 2030“.
Објасни дека досега се одобрени 19 национални планови, се очекува конечната ратификација од Советот на ЕУ, за да можат да се потпишат соодветните договори и првите исплати да се извршат во март.
За зајакнување на грчките одбранбени капацитети, ја спомена „инвестициската соработка од стратешко значење што го означува обновувањето на домашната одбранбена индустрија по децении напуштеност и неактивност“, односно договорот меѓу EAS (Грчки одбранбени системи) и Czechoslovak Group (CSG).
– Договорот предвидува спроведување на амбициозна инвестициска програма во вкупна вредност од најмалку 50 милиони евра, без никакво фискално оптоварување за грчката држава. Поконкретно, се зајакнува домашното производство на муниција што е клучно за грчките вооружени сили, со модернизација на постојните и создавање нови модерни производствени линии, а од 2026 година предвидено е значително зголемување на производствениот капацитет со создавање производствена линија со технологии што досега не постоеја во Грција, напиша Мицотакис.
На почетокот на неделната објава на Фејсбук, грчкиот премиер напиша дека минатата седмица „беше многу тешка недела“, со оглед на тоа што во експлозијата во фабриката за бисквити во Трикала, во понеделникот животот го загубија пет работнички, додека ден подоцна пак во сообраќајна несреќа во Романија загинаа седуммина навивачи на солунскиот клуб ПАОК.
– Кога се губат човечки животи, јавната дискусија го менува тонот и приоритетите. Не е лесно да се зборува за политички иницијативи и владини проекти, кога мислите на сите се насочени кон семејства што тагуваат и кон луѓе кои никогаш не се вратија во своите домови, напиша Мицотакис.






