Израел ја забранува работата на „Лекари без граници“ во Газа

Израел денеска соопшти дека има намера да ја запре работата на хуманитарната организација „Лекари без граници“ (MSF) во Појасот Газа.
Министерството за дијаспора соопшти дека презело „чекори за прекин на активностите на `Médecins Sans Frontières` во Појасот Газа“.
Како причина се наведува наводно прекршување на новата постапка за регистрација, при што организацијата е обвинета дека не доставила список со палестинскиот локален персонал, јави ДПА.
Поради тоа, „Лекари без граници“ мора да го напуштат Појасот Газа најдоцна до 28 февруари.
Според Министерството, новата регистрациска процедура има за цел „да овозможи легитимна хуманитарна работа, но и да спречи злоупотреба на хуманитарните структури за непријателски активности и тероризам“. Регулативата се однесува на сите хуманитарни организации што дејствуваат во регионот.
Во петокот, организацијата Лекари без граници соопшти дека одлучила да не им достави на израелските власти список со својот палестински и меѓународен персонал.
Одлуката, според организацијата, следи по повеќемесечни неуспешни обиди за воспоставување дијалог со израелските власти со цел обезбедување гаранции за безбедноста на нивниот персонал.






