МЗ се огласи за „мозоците“: Немаме директна надлежност, но процедурите за извоз на ткива се ригорозни
По повод актуелната тема во јавноста за научната студија со мозочни примероци меѓу Институтот за судска медицина и МАНУ, Министерството за здравство (МЗ) попладнево излезе со детално појаснување на законските процедури, оградувајќи се од директна надлежност во научно-истражувачката дејност.

Според информациите што МЗ ги добило од Медицинскиот факултет, работата со биолошки материјал е предмет на ригорозно регулирање. За да се реализира транспорт на ткива во странство, постапката морала да помине низ неколку филтри:
Информирана согласност од семејството;
Одлука од Етичка комисија за истражување кај луѓе;
Дозвола за извоз од тогашното Биро за лекови (каде прецизно се наведува целта).
„Дополнително појаснуваме дека кога се работи за извоз на биолошки материјал, потребно е меѓу научните институции во земјава и странство да постои склучен формален договор (меморандум), каде се прецизирани детални протоколи“, велат од Министерството.
Во однос на чувањето на документацијата, од МЗ посочуваат дека во тој период законската обврска била 15 години, а од 2018 година наваму, тој рок е зголемен на 25 години.






