Хјуман Рајтс Воч: Глобалниот систем за човекови права е во опасност
Организацијата Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch) ја наслика една од своите најмрачни слики во последните години за состојбата со човековите права во светот во својот Светски извештај 2026, објавен денеска, јави ДПА.

– Глобалниот систем за човекови права е во опасност, изјави Филип Болопион, извршен директор на ХРВ.
– Под постојан притисок од американскиот претседател Доналд Трамп и упорно поткопуван од Кина и Русија, меѓународниот поредок заснован на правила се урива, заканувајќи се дека со себе ќе ја повлече и архитектурата на која бранителите на човековите права се потпираа за унапредување на нормите и заштита на слободите, рече тој.
– За да му се спротивстават на овој тренд, владите кои сè уште ги вреднуваат човековите права, заедно со социјалните движења, граѓанското општество и меѓународните институции, треба да формираат стратешки сојуз за отпор, нагласи Болопион.
Болопион истакна дека „Русија и Кина се помалку слободни денес отколку пред 20 години. Истото важи и за Соединетите Американски Држави“.
„Втората администрација на Трамп од самиот почеток е обележана со флагрантно непочитување на човековите права и еклатантни прекршувања“, се наведува во извештајот. ХРВ ги цитираше, меѓу другите примери, „непотребно насилните и навредливи“ рации на агентите на Имиграциската и царинската служба (ИЦЕ) и апсењето на странски студенти поради политички изјави.
Во меѓувреме во Русија, додека претседателот Владимир Путин ја продолжува војната против Украина, притисокот врз критичарите на Кремљ расте и во Русија и во странство. Политичките противници сè повеќе се замолчуваат или затвораат под, како што организацијата ги опиша, „лажни обвиненија“. Во ноември, руското Министерство за правда ја прогласи ХРВ за „непожелна“ странска организација, со што практично ја забрани нејзината работа во земјата.
Во однос на Авганистан, извештајот документира дополнителни ограничувања за жените од страна на Талибанците, вклучувајќи забрана за користење учебници напишани од жени на универзитетите. ХРВ ја нарекува ситуацијата „родов апартхејд“.
Во врска со Иран организацијата извести за брутално задушување на протестите, масовни апсења и многу голем број на егзекуции, кои особено ги погодуваат етничките малцинства како Курдите и Арапите.
Извештајот забележува и назадување во правата на геј и трансродовите лица, вклучително во Унгарија и САД.
Како ретка светла точка, ХРВ наведува дека карипската држава Света Луција минатата година ја декриминализираше хомосексуалноста.






