Документите за транспортираните мозоци во САД можеби и не се чуваат во целост, вели Алиу кој не верува дека има злоупотреби при извозот кон САД

Министерот за здравство Азир Алиу изјавува дека е побарана детална анализа на сите достапни податоци поврзани со случајот во кој мозоци на починати македонски државјани со психијатриска дијагноза биле транспортирани како чекиран багаж на комерцијални летови во САД и Канада за медицински истражувања.

„Барав да ги анализираат податоците поврзани со случајот. Ние не сме надлежни за истражувањата, бидејќи станува збор за истражувачки проект. Секој проект почнува со меморандум. Ние сме надлежни да дадеме дозвола за извоз или увоз на материјал од страна на некоја наша институција и токму во тој дел се фокусираме“, вели Алиу.

Тој појаснува дека случајот датира од пред околу 30 години, период во кој, како што нагласува, не постоела Агенцијата за лекови и медицински средства, туку дозволите за ваков вид активности ги издавало директно Министерство за здравство. Според него, токму поради временската дистанца не треба да се брза со информации и заклучоци.

Алиу оценува дека постои многу мал простор за злоупотреби, особено имајќи предвид дека, како што вели, втората држава вклучена во процесот е САД, а институцијата која го спроведувала истражувањето е престижен универзитет со научници со светска репутација.

„Почнувајќи од себеси, не верувам дека таа држава, таа лабораторија или тој универзитет би дозволиле незаконски внес на материјал“, истакнува министерот

Тој додава дека од работната група конкретно побарал да утврди како бил испратен материјалот и по кои процедури, со цел да се добие јасна и документирана слика за целиот процес.

Во однос на документацијата, Алиу укажува дека и според стариот и според новиот закон, постои реална можност дел од документите да не бидат достапни.

Ако земеме предвид дека станува збор за документи стари 30 години, страв ми е дека институциите можеби и ги немаат сите документи“, вели тој, објаснувајќи дека според старите законски решенија документацијата за изнесување биолошки материјал се чувала 15 години, додека според новите законски одредби рокот е 25 години.

Министерот потенцира дека јавноста ќе биде информирана откако работната група ќе ги заврши анализите.

Back to top button
Close