Истрага за транспортот на мозочни ткива од Македонија

Македонија отвара истрага за научни проекти од минатотот. По информациите дека примероци од мозочно ткиво од починати лица од земјата биле транспортирани во 90-тите години во САД за научно‑истражувачки цели, Јавното обвинителство оформи предмет по допрен глас.

„Поради сериозноста на информациите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и потенцијални прашања околу усогласеноста со законските и етичките стандарди, Обвинителството ќе ги провери сите индиции за евентуално кривично дело кое се гони по службена должност“, се вели во соопштението.

Предметот е предаден на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое ќе прибира официјални податоци од институции, органи и здравствени установи за да утврди дали имало неправилности во постапувањето со човечки биоматеријали и издавањето дозволи и согласности.

 

Министерството за здравство создава работна група

Станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека е формирана работна група која ќе го истражува случајот и ќе ја утврди точноста на сите тврдења.

Истрагата треба да утврди дали семејствата на починатите лица дале согласност за употреба на ткивото, како и дали институциите биле запознаени и имаат одобрено ваков вид транспорт. Алиу нагласи дека земјава не смее да остане вмешана во скандал без целосна и независна истрага.

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите рече дека станува збор од случај од пред неколку децении, за којшто истрагата на надлежните институции треба да ги даде сите одговори.

Процедури за извоз на биолошки материјал

Од Министерството за здравство појаснуваат дека директни надлежности за научноистражувачка дејност немаат, но дека од Медицинскиот факултет добиле информации дека работата со биолошки материјал со генетски карактеристики е строго регулирана со Законот за научноистражувачка дејност, Правилникот за клинички испитувања и упатствата за транспорт, пакување и означување биолошки материјали.

Министерството потсетува дека во наведениот период документацијата се чувала минимум 15 години, а од 2018 година законската обврска е 25 години. Процедурите за транспорт на ткива вклучувале:

 

информирана согласност од семејството,

одобрение од етичка комисија,

дозвола за транспорт на ткиво од тогашното Биро за лекови,

формален договор (меморандум) меѓу домашната и странската научна институција со детално утврдени протоколи за собирање, транспорт и понатамошна научна обработка.

Во објавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епштајн, се споменува и Македонија во контекст на истражување за самоубиства и шизофренија. Во електронска порака до Ике Гроф, основач на „Турмалин партнерс“, се пренесува истражување на „Блумберг бизнисвик“ дека научници од Универзитетот „Колумбија“ создале банка од околу 1.000 човечки мозоци, меѓу кои имало и примероци добиени од Македонија.

 

Според истиот извор, примероците биле земени по смрт, веднаш замрзнати, транспортирани во САД и правилно архивирани за научни анализи.

(dw)

Поранешниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума и професорот Горазд Росоклија изјавија дека проектот бил спроведен со сите потребни етички одобренија и писмени согласности од семејствата

Back to top button
Close