Работниците ќе го блокираат Парламентот, спикерот Гаши вели – пратениците како знаат и умеат, да си дојдат на работа


Со блокада на зградата на Собранието од двете страни, работниците предводени од Сојузот на Синдикатите ќе се обидат да ги натераат пратениците да се соочат со нив очи в очи и директно да им ги соопштат своите барања. Блокадите се најавени да почнат во 9 часот утре наутро на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“, обзнани денеска на социјалните мрежи претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, според кого, блокадата е дел од притисокот за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра, како и линеарно покачување на останатите примања барем за 100 евра.

Причина за блокадата пред Собранието, како што посочи, е и што пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати.

Поради блокадите на улиците пред Собранието, како што претходно соопшти тој, пратениците нема да можат да дојдат со возила на работа и ќе мораат да поминат покрај работниците и да ги погледнат во очи. Дополнително, нема да можат да наплатат за гориво, што, според ССМ, е најболната точка за народните избраници.

„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците“,вели Трендафилов.

Трендафилов во својата објава на Фејсбук нагласи дека пратениците што уживаат право на собраниско кафе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е истото им го скратиле на работниците и не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.

„Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на платите, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79 отсто зголемени плати што дополнително ќе се зголемат за 12,6 отсто доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2 отсто колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8 отсто зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за работниците е срамно“, вели Трендафилов.

Тој потсети пратениците дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати, туку дека ќе мораат да гласат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ.

„Доколку и понатаму молчат, преминуваме на собирање на 10 000 потписи со кои ќе ги намалиме нивните, а ќе ги зголемиме работничките плати. Ќе мора да бираат, ќе гласаат за себе, а против работниците (нивните гласачи) или ќе гласаат за работниците“, напиша тој на Фејсбук.

Претседателот на Собранието Африм Гаши пак, на денешниот брифинг со медиумите посочи дека на пратениците им е најавено да си дојдат на своите работни места и на седница, без да биде попречено правото на протест на работниците. Тоа значи дека народните избраници можно еда поминат низ непријатен т.н. работнички „шпалир“, додека влезат во законодавниот дом. Што се однесува до потенцијално блокирање и на влезните врати од Парламентот и како тогаш ќе се реагира, Гаши упати на тоа дека тоа е прашање и работа на МВР. Спикерот вели, ако самиот се прашувал уште денеска би ги зголемил платите на работниците но, како што рече, тоа е работа на договор меѓу нив и работодавачите и на евентуална полиичка одлука.
Инаку, блокадите на Собранието се најавени уштње минатата недела откако претходно ССМ одржа протест на кој беа побарани повисоки плати.

А, идната недела на 17 февруари ССМ најави блокада и на Владата.

Back to top button
Close