Бирн открива – Во Македонија легален одгледувач, во Србија осомничен за шверц на марихуана

 

Главниот осомничен како организатор на групата што планирала препродажба на пет тони марихуана низ Србија, наводно шверцувана од Македонија, Александар Мијајловиќ е сосопственик на друга фирма за производство на медицински канабис во нашата држава, открива БИРН.

Станува збор за компанијата „Грин лајф“ од Валандово, која засега не се појавува во информациите за истрагите на македонската и на српската полиција, ниту во мрежата на канабис-производители од кои МВР викендов соопшти дека се запленети околу 40 тони канабис.

БИРН, во овој текст го открива и она што од официјалните соопштенија до сега не беше јасно – врските на Мијајловиќ со скопската фирма „Алфафарм“, која засега е фокусот на истрагата во двете држави.

Македонските органи на прогонот истражуваат како работеле „Алфафарм“ и други две фирми од Струмичко, со кои таа соработувала.

Од другата страна на границата, српското обвинителство за организиран криминал, по откривањето на канабисот во Крушевац, води истрага против Мијајловиќ, кој е во бегство, како и против Иван ДрагниќНебојша и Раде Спасојевиќ и Урош Младеновски.

БИРН имаше увид во наредбата за спроведување истрага во Србија, со која овие пет лица се сомничат дека во текот на јануари организирале синџир на набавка, складирање и дистрибуција на марихуана.

Според таа наредба, Александар Мијајловиќ (поранешно презиме Вулиќевиќ), како организатор на криминалната група, му наложил на Иван Драгниќ да обезбеди марихуана во Македонија. Драгниќ потоа го организирал транспортот со товарни возила до Крушевац, каде што дрогата била складирана во објекти, во селото Коњух кај Крушевац, во сопственост на таткото и синот – Раде и Небојша Спасојевиќ.

Од тие магацини, марихуаната понатаму ја презел српскиот државјанин Урош Младеновски, кој со сопствено возило ја превезувал дрогата кон Белград за понатамошна продажба.

Повеќе ТУКА

Back to top button
Close