Трендафилов: По 21 работник за блокирање на двата булевари пред Собрание и пратениците утре нема да наплатат патни трошоци

Слободан Трендафилов рече дека законски им се потребни најмалку по 21 човек за блокирање на булеварите „Даме Груев“ и „11 Октомври“ кај влезовите на Собранието. Тој смета дека пратениците не треба да се грижат за тоа колку луѓе ќе излезат на улица.
Блокадата треба да биде порака до народните избраници дека тие го блокираат Законот за минималец повеќе од една година, вели тој.
-Пратениците се прават глуви и слепи за последната иницијатива на Сојузот на синдикати на Македонија за намалување на нивните плати за 80%, или да си ја намалат основицата за пресметка на платите, од просечна на минимална плата, да дојдат и тие на минималец, па потоа да зборуваат колку е добро со минимална плата да се живее во Македонија – рече Трендафилов.
Додаде дека пратениците први ќе се соочат со гневот на работниците, односно нема да можат да наплатат трошоци за доаѓање на работа, кои изнесуваат од 100, па нагоре евра.
На утрешната блокада најави дека ќе присуствува и раководството и членовите на Синдикатот на УПОЗ кои вчера заедно со КСС и со Владата постигнаа договор за зголемување на додатоците на плата за 40 проценти до 2028 година.






