За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ видеото со децата на Трендафилов не е напад врз семејство

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска застана во одбрана на пратеничката Дафина Стојаноска, која на својот официјален фејсбук-профил објави видео на кое се гледа претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, заедно со неговите малолетни деца.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека видеото, поради кое Трендафилов побара интервенција од полицијата и надлежните институции, не претставува напад врз неговото семејство, туку, како што наведуваат, „очајнички крик на еден ‘синдикалец’ кој мисли дека со солзи и етикетирања ќе го избрише фактот дека ги троши парите на работниците за личен луксуз“.

Реакцијата на пратеничката група доаѓа по прес-конференцијата на Трендафилов, на која тој ја обвини Стојаноска дека со објавување видео снимено без негово знаење, власта се обидува преку злоупотреба на неговите деца да изврши притисок врз неговата синдикална борба за зголемување на минималната плата и платите на работниците. Тој, исто така, изјави дека случајот е доказ дека тој и неговото семејство биле следени од службите.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ овие наводи ги оценија како „очајни обиди за дефокусирање од вистината“.

 

„Правосудните органи веќе имаат чист случај пред себе во кој Трендафилов требаше да даде исказ и да сноси одговорност за злоупотреба на службено возило за приватни цели. Додека лицемерно ги повикуваше пратениците да одат пешки, истиот ден се појави на протест со службено возило, а јавноста веќе виде како тоа возило се користи за семејни потреби како да е приватна сопственост“, наведуваат од пратеничката група.

Оттаму го повикуваат Јавното обвинителство да отвори постапка и да го испита користењето на службеното возило во ССМ од денот на назначувањето на Трендафилов до денес.

Во однос на спорната снимка, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека таа била преземена од социјалните мрежи и дека веќе била јавно достапна.

„Најверојатно е снимена од револтиран работник или член на ССМ, на кој му е преку глава од вакви ‘заштитници’ на работничките права“, стои во реакцијата, во која се додава дека, според нив, главната мисија на Трендафилов не била зголемување на платите, туку зачувување на сопствената позиција и привилегии.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека објавеното видео не претставува напад, туку „огледало во кое Трендафилов не може да се погледне“, додека критиките кон Стојаноска ги сметаат за доказ за немоќ и обид за пренасочување на вниманието.

Back to top button
Close