Државата не би се мешала во семејните работи за забрана за социјални мрежи на лица под 15 години

Родителите трба да ја задржат контролата над децата во однос на употребата на социјалните мрежи, а државата не сака да се меша, затоа што опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе, смета министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

На новинарско прашање што планира државата во однос на некои ограничувања за социјалните мрежи за младите до 15 години, Андоновски рече дека нема да се оди во правец на ограничувањето на личните слободи, но ако има интерес кај родителите може да се отвори јавна расправа.

-Забележавме петиции и во Македонија. Јас дадов еден коментар. Ние минатата година, во рамките на овој проект, во сите училишта претставивме начин на контрола преку кој родителите да може да контролираат кои апликации нивните деца може да ги имаат на своите мобилни телефони и другите уреди, колку време може да поминат со нив и кои содржини смеат или не да ги следат. Сметавме дека овој е начин да ги превенираме опасностите од Интернетот, а контролата да ја задржат родителите, а да не ја преземе државата. Тоа е контролата на алатки кои се исклучително приватни. Ги користат родители, деца и би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство. Но, доколку постои зголемен интерес од родителите и доколку постои зголемен страв, оставаме простор да продискутираме за тие прашања. Зошто да не направиме и една јавна расправа и анкета за да видиме кој е интересот и кое е размислувањето на родителите. Не бегаме од тоа да се менува законот за да имаме ваква можност, но опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. Така, отвораме врата за државата утре да си дозволи да забранува и тоа да биде спротивно на слободата на говорот, спротивно на слободата на изразување, зашто државата решила дека некаква алатка треба да забрани. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола – објаснува министерот за дигитална трансформација Андоновски

Back to top button
Close