Кога Касами ќе биде премиер, тогаш ќе кажува кој ќе биде министер, реагира Филков


Кога ќе биде Билал Касами премиер тогаш веројатно тој ќе кажува кој ќе биде министер, а кој не, изјави министерот за правда Игор Филков, коментирајќи ја изјавата на коалицискиот партнер од ВЛЕН, Билал Касами, дека во реконструкцијата на Владата што се најавува за напролет еден од министрите што ќе биде сменет е токму Филков.

-Кога ќе биде Билал Касами премиер тогаш веројатно тој ќе кажува кој ќе биде министер, а кој не, а дотогаш владеењето на правото и почитувањето на Уставот ќе важат за сите – рече Филков.

Во синоќешното интервју за ТВ 21, Касами изјави дека во најавената реконструкција на Владата еден од министрите што може да биде сменет е министерот за правда Филков, обвинувајќи го дека се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми.

Прашан да ги потврди ваквите наводи, премиерот Христијан Мицкоски денеска рече: „Па, не знам, тоа можеби треба да го прашате господинот Билал Касами“.

Back to top button
Close