Најмногу два месеци ќе им требаат на експертите да изготват извештај за случајот со непотребните операции на срце – вели Алиу

Министерот за здравство Азир Алиу рече дека најмногу два месеци ќе им требаат на експертите да го изготват извештајот за кардиохируршките интервенции. Ова тој го соопшти одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за исходот од вчерашниот онлајн состанок со домашната и странската комисија, кои треба да го испитуваат случајот со непотребните операции на срце што се вршеле во земјава, односно до каде е динамиката на нивната работа и кога може да се очекува завршница на случајот.
Министерот за здравство Азир Алиу / Фото: Принтнсрин
Според него, не е целта во кој временски рок ќе биде доставен извештајот, туку тој да биде точен и базиран на податоци.
„Во ваков случај, јас сум против да има рокови. Со рокови може само да правиме штета во процедурите и протоколите. Тоа не ни е целта. Мене не ми е целта само да добијам извештај и да излезам пред јавноста и пред вас да кажам дека сме завршиле со процедурата. Тоа нема да го дозволам како министер“,кажа Алиу.
За вчерашната онлајн средба рече дека била долга и се одржала заедно со експерти од нашата држава и со тројцата експерти од надвор.
„Дефиниравме методологија и како ќе работи таа странска експертиза од тројцата експерти. Исто така, се согласија и внатрешните експерти, за да може да комуницираат и да имаат состаноци толку колку што има потреба или ако странските експерти имаат прашања“,вели тој.
Посочи дека на состанокот кажал дека не треба да има временска рамка за изготвување краен извештај, оти тоа може да штети на процедурите. Но, од комуникацијата меѓу експертите било заклучено дека нема да им треба повеќе од два месеци за краен извештај.
„Тој краен извештај нема да биде само документ, туку ќе биде патоказ за нас и за мене како министер, за да смениме ако треба протоколи за клиниките за оваа здравствена услуга, а ако е потребно ќе направиме и реформи во законите. Се ќе зависи од таа комисија, од тој краен извештај. Тој ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Министерството за здравство, а ќе го соопштиме и на прес-конференција“,рече министерот.
На прашањето дали тој извештај ќе биде доставен во Обвинителството, Алиу рече дека изготвениот документ ќе покаже што понатаму, односно дали ќе треба да се менуваат протоколи, закони или да се информираат другите институции што се надлежни за можни злоупотреби.
„Сега тоа не можам да ви го одговорам“,рече тој.
За тоа дали оставката на кардиологот и академик Сашко Кедев од здравствениот совет на Министерството за здравство ќе влијае на овој процес, министерот рече дека тој не е дел од оваа група, интерната на девет експерти, туку е дел од советодавниот комитет на министерот, кој не вклучен во овие процедури.






