Николоски: Бугарија го ратификува договорот со Македонија за изградба на меѓуграничниот железнички тунел

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информира дека Народното собрание на Бугарија денеска го ратификува Договорот со Македонија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.

Министерот Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов по потпишувањето на договорот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел помеѓу двете земји

„Договорот во декември беше ратификуван и во македонското Собрание, со што се исполнети сите услови за доизградба на железничкото поврзување помеѓу Скопје, Софија и Бургас. Горд сум што договорот ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридорот 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери“,

соопшти Николоски на Фејсбук и додаде дека паралелно се работи на развивање и на Коридорот 10.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов во ноември лани во Ѓуешево го потпишаа Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8. Со тоа, двете земји ги дефинираат меѓусебните обврски за изградба на тунелот чија проектираната должина е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија, а другите 1,2 километри на Бугарија.

Потпишувањето на договорот тогаш го поздравија челниците на Европската Унија, оценувајќи дека претставува голем чекор во соработката меѓу двете земји и промовира добрососедски односи.

Back to top button
Close