Дали Владата ги излажа камионџиите: ЕУ ги одби предлозите возачите да се прифатат како професионалци
Европската комисија ги одби сите предлози на превозниците од земјите од Западен Балкан за да се најде компромис за ограничувањето на престојот во Шенген зоната согласно правилото 90 дена престој во период од 180 дена. Брисел потврди дека тоа е конечна линија и дека транспортерите мора да се прилагодат на правилото 180/90, без посебни исклучоци за професионални возачи.

Ова е всушност потврда на претходната одлука на Европската комисија, против која превозниците спроведоа координирани протести и блокади на товарните гранични премини кон земјите од Шенген зоната – меѓу кои и премините Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
Министерот за транспорт Александар Николоски на 29 јануари годинава тврдеше дека добил одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците.
„Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравмe. После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем“, објави Николоски.
Во документот кој го објави Николоски, се вели дека Европската Комисија (ЕК) тесно ќе соработува со земјите членки за да се најдат прагматични решенија со цел да се овозможат продолжени краткорочни престои за одредени категории државјани на трети земји.
Суспензијата на блокадите се случи вечерта на 29 јануари, по објавувањето на Стратегијата за визите и доставувањето од страна на министерот на документ според кој Комисијата ќе се обврзе да процени корективни мерки за превозниците од Западен Балкан.
Но, ЕК јасно соопшти дека не прифаќа посебни измени на правилото 90/180 за превозниците, туку дека тие мора да се прилагодат на постојниот режим на пребивање.
Главните аргументи на превозниците, претставени од Асоцијација „Макам транс“ и други здруженија од регионот е дека Новиот ЕES систем (ЕУ Entry/Exit System) строго брои дена на престој, што практично значи дека професионалните возачи ќе можат да работат само околу 15 дена месечно во Шенген зоната. Камионџиите не бараат повластен третман, туку да бидат третирани како работници, не како туристи.
…





