Тензии меѓу Будимпешта и Киев пред унгарските парламентарни избори
Украинскиот претседател Володимир Зеленски директно се вклучил во предизборната кампања во Унгарија со напади врз унгарската влада, изјави премиерот на Унгарија Виктор Орбан.

Унгарските граѓани на 12 април ќе гласаат на парламентарни избори на кои Орбан, кој е на власт од 2010 година, го бара својот петти мандат. Анкетите покажуваат дека негов главен предизвикувач е опозициската партија Тиса, предводена од неговиот поранешен сопартиец Петер Маѓар.
Орбан оцени дека политичките напади од Украина достигнале ново ниво.
„Кога претседателот Зеленски лично ме напаѓа затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, изјави лидерот на Фидес, пренесува МТИ.
Според Орбан, унгарските граѓани веќе се изјасниле против членството на Украина во ЕУ преку националното советување „Вокс2025“, спроведено минатата година. Владата тврди дека во анкетата учествувале 2,2 милиони луѓе, во земја со околу 9,6 милиони жители.
„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги спроведувам одлуките на унгарскиот народ. Тоа ќе го правам повторно и повторно, без разлика дали му се допаѓа на претседателот Зеленски или не“, порача Орбан.
Во изминатиот период, унгарскиот премиер ја нарече Украина „непријател“ на Унгарија, обвинувајќи ја дека во Брисел бара прекин на снабдувањето со евтина руска енергија за Будимпешта. Унгарија, која пред војната беше силно зависна од руските енергенси, и натаму одржува контакти со Москва, а Орбан од почетокот на руската офанзива врз Украина најмалку трипати ја посети руската престолнина.
Орбан изборите во април ги претставува како одлука „за војна или за мир“, додека аналитичарите оценуваат дека прашањето за Украина е во фокусот на кампањата, во услови кога унгарската економија се соочува со стагнација по периодот на висока инфлација.






