За пет години на барање на Зелс се продолжува постапката за легализација на дивоградби, Собранието ги донесе измените на Законот

Со 67 гласа „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан, Собранието, денеска, во рамките на 85. седница, по скратена постапка, ги донесе измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, со кои рокот за легализација на објектите со ваков статус се продолжува за пет години.

Фото: Принтскрин

Имено, со досегашното решение, рокот до кога требаше да се завршат постапките со поднесените барања за легализација на бесправно изградени објекти беше 3 март 2026 година. Со донесените измени, сега тој рок се продолжува до 3 март 2031 година.

Барањата за легализација на бесправно изградени објекти, според досегашното решение, можеа да се поднесуваат заклучно со март 2011 година, а рокот до кога предметите требаше да бидат решени беше 3 март 2026 година. Со донесените измени, сега тој рок се продолжува до 3 март 2031 година, односно наместо 15, ќе изнесува 20 години.

Според подносителите, со измените не се менува ништо суштинско во однос на поднесувањето на барањата, туку само во рокот за решавање на предметите. Формално измените не предвидуваат можност за поднесување нови барања за легализација на дивоградби, туку треба да им помогнат на институциите да ја завршат постапката за оние граѓани кои веќе поднеле документација и чекаат разрешница.

Инаку, предлагачи на измените беа пратеници од владејачкото мнозинство – Бојан Стојаноски, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски , Бране Петрушевски, Даниела Христова, Каролина Насковска, Лидија Петкоска, Марија Петрушевска, Моника Трајанова, Олга Лозановска и Павле Арсоски.

Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) на почетокот на февруари до Собранието, Владата и до Министерството за транспорт достави барање со цел да се овозможи продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградените објекти заклучно со 2031 година.

Во барањето од Управниот одбор на ЗЕЛС беше образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти и други административни формалности.

„Продолжувањето на рокот има цел само довршување на постапките што се веќе почнати, а не и доставување нови барања и оформување нови предмети за постапување“,

беше наведено во образложението на измените на Законот.

На гласањето на измените во Собранието му претходеше расправа, во која пратениците од власта и од опозицијата изнесоа спротивставени гледишта и меѓусебни обвинувања во однос на законското решение.

Од парламентарното мнозинство посочија дека станува збор за техничко продолжување, со цел да не се прекинат илјадници предмети што се наоѓаат во разни фази на постапка.

Момент од денешната 85. седница на Собранието на РС Македонија / Фото: МИА

Пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој предлог не отвора можност за нови дивоградби, туку се однесува на граѓаните што навреме поднеле барања, но не ги исполниле роковите за легализација, не по нивна вина, туку поради процесни причини.

„Ова обезбедува сигурност за граѓаните и заокружен процес, кој трае повеќе од една деценија, со правосилни управни акти“,рече таа.

Пратеникот Беким Ќоку од Беса, кој е еден од предлагачите на измените, нагласи дека ќе го поддржат законското решение бидејќи, како што се надоврза, овозможува завршување на сите постапки за легализација на објекти изградени без дозвола.

Од другата страна пратеникот Сашко Јанчев од Левица, предлогот има погрешно име и треба да се нарече „закон за стимулирање изградба на дивоградби“. Тој рече дека Законот што првично беше донесен во 2011 година еднократно требаше да го реши прашањето со легализацијата на дивоградбите, но како што се менувале владите, се продолжувал и рокот за легализација, кој сега наместо 15 ќе изнесува 20 години.

Според неговиот сопартиец Реџеп Исмаил, не е точно дека со законот се продолжува рокот за оние предмети што се веќе во постапка.

„Како тоа би ги спречило другите да поднесат такво барање? Не само што ќе има нови апликации, туку ќе има и нови дивоградби… Со ова законско решение го правиме бесмислено кривичното дело бесправно градење“,кажа тој.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на опозицискиот СДСМ, Оливер Спасовски, рече дека е потребно да се промени пристапот во урбанистичкото планирање за државата веќе да не се соочува со нови случаи на бесправно изградени објекти.

„Системот не функционира и мора да се изгради нов функционален систем, кој ќе носи решенија и нема да создава нови дивоградби. Ако не се промени пристапот кон урбанистичкото планирање, ќе бидеме принудени да се соочуваме со нови дивоградби“,рече Спасовски, додавајќи дека од почетокот на рокот во 2011 година има илјадници дивоградби изградени на територијата на државата.

Од дискусијата на пратеникот и координатор на пратеничката група на опозицискиот СДСМ, Оливер Спасовски / Фото: Принтскрин

Во контекст на својот став, тој како пример ја посочи Грција, каде што, рече, се користат само генерални урбанистички планови, без да се носат детални, а со закон директно се дефинира каде и што може да се гради на одредена парцела. Додаде дека сличен систем постои и во Албанија, а, како што рече, понапреден систем има и Косово.

 

Back to top button
Close