Постојат сомнежи дека 25-годишник извршил повеќе убиства: се продлабочува истрагата по убиството на жената во Челопек

Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишно лице осомничено за кривично дело убиство по член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

Според наводите, во периодот од 27 јануари до 12 февруари 2026 година, во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, осомничениот со умисла на свиреп и подмолен начин лишил од живот жена родена во 1947 година. Тој ја искористил околноста што жртвата живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во куќата, таа спиела, по што физички ја нападнал и ѝ нанел повеќе тешки телесни повреди, од кои починала.

Со координирани дејствија на обвинителството, Министерството за внатрешни работи и екипи од Институт за судска медицина обезбедени се докази што укажуваат на можна поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановскиот регион.

„Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат. Истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката“, велат од Обвинителството.

Осомничениот е лишен од слобода и му е определена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје. Истрагата е во тек, а дел од доказните дејствија засега не се соопштуваат поради тајноста на постапката.

Back to top button
Close