Артан Груби доби куќен притвор. Обвинителството се „премисли“,го повлече затворскиот притвор
Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор, откако одбраната побара ваква мерка, а Обвинителството се согласи со предлогот, дознава „Скопје1“.
Според неофицијални информации, одбраната образложила дека Груби ќе биде достапен за органите на прогонот, имајќи предвид дека сам се вратил во државата, како и дека не постои опасност од влијание врз постапката, бидејќи истрагата е завршена.
Судијата на претходна постапка, како што тврдат извори од скопското Обвинителство, добил позитивен став од обвинителот во однос на предлогот за поблага мерка. По спроведувањето во судот, Груби бил сослушан, но засега не е официјално потврдено дали обвинителот формално доставил нов предлог за куќен притвор на самото рочиште. Од прес-службата на Обвинителството информираат дека немаат детали, со образложение дека обвинителот се наоѓа во судница.
Истрагата против Груби ја води Основното јавно обвинителство – Скопје и се однесува на сомнежи дека како раководител на владина седница го одобрил барањето на Државна лотарија за јавна набавка на ВЛТ-терминали, иако институцијата немала законско право самостојно да организира игри на среќа. Тој е осомничен за кривично дело „проневера во службата“.
Постапката беше отворена по одлуката на Стејт департмент на САД да го стави на „црната листа“, поради основани сомнежи за вмешаност во коруптивни дејствија и влијание врз судски предмети поврзани со поранешниот директор на тајните служби, Сашо Мијалков.
Груби беше прв вицепремиер во владината коалиција на СДСМ и ДУИ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, а во повеќе наврати ја водеше Владата во отсуство на премиерот.






