Левица: Куќниот притвор за Груби е резултат на политички пазар со Обвинителството раководено од кадри на ДПМНЕ

Политичката партија Левица обвини дека одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби претставува „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“ и доказ за, како што наведуваат, политички влијанија врз правосудниот систем.

Од партијата посочуваат дека лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, наместо да добие построга мерка поради ризик од бегство, добива поблага мерка.

„Во правна држава ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.

Партијата изразува сомнеж и поради, како што велат, различните образложенија во краток временски период. Според нив, првично било соопштено дека во притворот се гарантираат услови и безбедност како и за секој друг притвореник, а потоа Обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор.

Левица ја лоцира одговорноста во обвинителскиот систем со кој раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која наведуваат дека важи за фаворит на ВМРО-ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител. Во соопштението се споменува и нејзината улога во предметот „ТАЛИР“, поврзан со финансирањето на партијата.

Воедно, од партијата го споменуваат и новиот шеф на скопското јавно обвинителство, Анел Фидоски, наведувајќи дека во минатото со преквалификација во завршна фаза бил овозможен застој во случај од висок јавен интерес.

Според Левица, одлуката за куќен притвор се вклопува во „образец на флексибилност кога предметот е политички чувствителен“. Оттаму оценуваат дека наместо еднакви стандарди и владеење на правото, се создава перцепција за селективна строгост и политички контекстуализирана правда.

Од партијата порачуваат дека јавноста има право да бара транспарентност и доследна примена на законите, без разлика на политичката припадност на осомничените.

 

 

Back to top button
Close