Миле Цеков од ЗНАМ го поддржа предлог-законот за зголемување на минималната плата

Законските измени за раст на минималната плата на 600 евра, што ги предложи опозицискиот СДСМ, не поминаа на матичната Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, меѓутоа добија поддршка од еден пратеник од владејачкото мнозинство. Станува збор за Миле Цеков од ЗНАМ, кој порача дека минималната плата треба да се зголеми.

–Нашата минимална плата денес е најниска во регионот, иако продуктивноста по работен час, која изнесува 34 долари, е можеби една од повисоките во регионот. На пример, во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора имаат повисок минималец од Македонија, а помала продуктивност по работен час во однос на нашиот работник – изјави Цеков.

Што се однесува до останатите членови на комисијата од редовите на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тие воопшто не дебатираа. Освен Цеков, поддршка на ова законско решение дадоа членовите на СДСМ, како и на опозициската Алијанса на Албанците, односно од крилото на Зијадин Села. Според нив, треба да се прифати предлогот минималната плата од март годинава до март наредната година да се зголеми на 36.960 денари и со тоа да се усогласат сите останати плати.

–Заеднички да ја пратиме таа порака дека кога станува збор за граѓаните, кога станува збор за работниците, нема да има политичка идеологија којашто ќе може да не подели, заради тоа што ако за многу прашања други коишто се од интерес на политичките партии, можеме да изнаоѓаме законски решенија, коишто би биле консензус, ќе го спомнам Изборниот законик, тогаш зошто пак да не можеме да имаме некаков консензус околу законот за минимална плата – рече Оливер Спасовски од СДСМ.

И пратеничката од АА на Села, Илире Даути, смета дека е неопходно минималната плата да се зголеми, но додаде дека истовремено треба да се ослободат фирмите од социјалните придонеси за таа разлика. Како што истакна таа, за сегашната минимална плата придонесите и персоналниот данок заедно се 11.920 денари, а со минимална плата од 36.600 денари тие ќе бидат 18.319 денари. Поради високиот процент на сива економија, според неа, државата треба да земе обврска за разликата од околу 6.000 денари.

Покрај законскиот предлог за минимална плата, не помина ниту предлогот за трипартитен дијалог, односно јавна расправа пред пратениците во Собранието меѓу работодавачите, синдикатите и Владата. Сепак, и покрај тоа што предлогот не помина на матичната комисија, плус на Законодавно-правната комисија, за него пратениците ќе одлучуваат на пленарна седница. Во меѓувреме, ССМ побара Владата и работодавачите до крајот на февруари да се договорат за зголемувањето на минималната плата на 600 евра (fokus.mk)

Back to top button
Close