Јошевска-Анастасовска до Филков: Судија не смее да изрече притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор

Сузана Јошевска-Анастасовска, членка на Судскиот совет, на социјалните мрежи одговори на министерот за правда Игор Филков, кој побара одговорност за куќниот притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби.

 

 

„Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка“, напиша Јошевска-Анастасовска.

Претходно Филков повика на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да свикаат седници за овој случај.

„Одговорноста за одлуката за куќен притвор мора да биде лоцирана со име и презиме.

Јавно ги повикувам Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници, да го разгледаат овој случај и да утврдат дали постои основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. Институционалната контрола мора да функционира.

Ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување:

Јавниот обвинител Даниел Коцев – да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот.

Раководителот на обвинителството, Анел Фидоски – дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?

Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски – кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?

Како министер за правда, дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во „Затвор Скопје“, како и во останатите затвори низ Македонија, во однос на безбедносната состојба“, напиша Филков.

Back to top button
Close