Пензионерите во странство не се во иста ситуација, сметаат судиите

Уставниот суд денеска не поведе постапка за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување кои се однесуваат на нерезидентните пензионери. Тие предвидуваат дека зголемувањата на пензиите од 2024 година нема да се исплатуваат на пензионери кои престојуваат надвор од земјата. Со иницијативите од петмина подносители се бараше оценка на уставноста поради наводна дискриминација и повреда на стекнатите права, но мнозинството судии одлучи дека не се исполнети условите за постапка, истакна претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Судијата известител Осман Кадриу, кој бил за поведување постапка, образложи дека овие одредби воведуваат дискриминација меѓу пензионери кои живеат во земјата и оние надвор од неа.
– Неважно е дали пензионерите живеат во нашата држава или во друга, тие правото на пензија треба да го остваруваат вклучувајќи ги сите зголемувања. Со оивие одредби кои се проблематизираат навистина застанавме на стојалиште дека на нашите пензионери надвор од државава им се скратува правото на зголемувањето на пензите и сите усогласувања – нагласи Кадриу, додавајќи дека одредбите се спротивни на уставните принципи за еднаковост, забрана на дискриминација и социјална правда, како и на Европската конвенција за човекови права.
Мнозинството, според Костадиновски, смета дека пензионерите се во иста правна, но различна фактичка состојба, па нема повреда на член 9 од Уставот.
– Ова е социјална, временска мерка за ублажување на инфлацијата и трошоците за живот во земјата, надградба на стечените права, а не нивно задирање – објасни претседателот на Уставниот суд, нагласувајќи дека по истекот на периодот законското усогласување на пензиите повторно ќе важи за сите.
За измените на Кривичниот законик, Костадиновски изрази критичност кон законодавецот кој пропуштил рок поставен од Судот.






