Советот му одговори на Филков: Немаме надлежност за надзор во случајот Груби

Советот на ЈО, во соопштение објавено на својата веб страница, посочува дека согласно член 28 од Законот за јавното обвинителство, повисокото јавно обвинителство е тој што го врши надзорот.

Во интерес на транспарентноста на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, а по повод јавната прозивка од министерот за правда на РСМ упатена до Советот да свика итна седница и да го разгледа постапувањето на јавните обвинители во случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, за да утврди дали постои одговорност кај јавните обвинители, ја информираме јавноста дека Советот во оваа фаза на постапката нема надлежност да врши надзор над законитото постапување на јавните обвинители, а согласно член 28 од Законот за јавното обвинителство, повисокото јавно обвинителство е тој што го врши надзорот – стои во соопштението од Советот на јавни обвинители.

Министерот за правда Филков, завчера јавно ги повика сите одговорни за одредувањето мерка куќен притвор за поранешниот вицепремиер Груби нагласувајќи дека одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме. Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници, да го разгледаат овој случај и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и кај јавниот обвинител. Филков побара појаснување од јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на Обвинителството, Анел Фидоски и од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски.

Back to top button
Close