Откриена меѓународна мрежа за трговија со кокаин следена преку финансиски текови

Меѓународна криминална мрежа која профитирала од трговија со кокаин за италијански организирани криминални групи е разбиена по детална истрага што ја следела трагата на парите низ Европа, соопшти Европол.

Мрежата, која служела како средство за перење пари за италијанските мафијашки групи Камора и Ндрангета, оперирала преку фиктивни компании, лажни фактури и луксузни инвестиции, така што милиони евра од кокаин биле проневерени и реинвестирани во европската економија.

Истрагата, што ја спроведуваше француската национална жандармерија во соработка со италијанските карабинери и швајцарската федерална канцеларија на полицијата ја откри операцијата што опфатила повеќе европски земји. Покрај наведените, во истрагата учествувале и белгиската федерална судска полиција, бугарската Државна агенција за национална безбедност, германската царина, како и еквадорската Национална полиција, во координација на Европол и Евроџаст.

Со следење на финансиските текови, истражителите забележале црногорски државјанин, кој бил високо рангиран на списокот на осомничени на Европол и бил предмет на потрага во неколку европски земји.

Осомничениот живеел во областа Кан во Франција, заедно со членови на неговото семејство, вклучувајќи го и зетот, кој веќе им бил познат на италијанските власти за перење пари, измами и кривични дела поврзани со оружје.

Финансиската истрага покажа дека мрежата за перење пари била директно поврзана со голем трговски пат за кокаин од Јужна Америка кон Европа. Има сомневање дека групата била одговорна за координирање на поморските пратки кокаин до клучните европски пристаништа. Голема заплена од страна на белгиските царински службеници кон крајот на 2025 година беше клучна точка во разоткривањето на мрежата. Пред три дена, беше спроведена координирана акција во четири европски земји – Франција, Италија, Белгија и Швајцарија, а седум лица беа уапсени, вклучувајќи го и осомничениот од Црна Гора.

На Француската ривиера се запленети луксузни автомобили, како и имот вреден повеќе од пет милиони евра, вклучувајќи луксузни недвижности. Евроџаст, во соработка со Франција, Италија и Швајцарија, го формираше Заедничкиот истражен тим во 2024 година, што овозможи тесна судска координација и полесна размена на информации меѓу земјите. Преку Европол, во истрагата се приклучија и Белгија, Германија и Еквадор.

Back to top button
Close