Падот на учителот

Љубомир Д. Фрчкоски

Паѓа авторитетот на знаењето, УЧИТЕЛОТ и школото, Драги мои!

Тоа се случува пред олтарот на бесното празноглавие и моралниот колапс на Општествениот договор, кој секое општество го има, неформално или делумно формализирано во Уставот и законите, во политичката култура на граѓанството – Договор во кој се дефинира важноста на знаењето, неговата моќ за благосостојба и напредок на секој поединец и заедницата.

Паѓа хиерархијата во која учењето и учителите беа важни пред бесните морончиња, блиски на властите, сите исти ко тупани во главите, запоседнати на позициите каде местото им е на најдобрите студенти и ученици.

 

Авторитетот на учителите и учењето не се само лични особини, тие зависат од овој Општествен договор за тоа дека вредно и моќно е да се знае, да се има дисциплина и стоичност при учењето; како и каде се границите на моралните судови и акти за тоа што е вредно, што не е и што е достојно за презир.

Ако овој договор паѓа, и најдобриот учител е само осамен Дон Кихот.

Нашето општество денес ја демантира вредносната хиерархија на модерноста: наука – култура – благосостојба во достоинствена слобода.

 

Во расказот „Учителот“ за Гоце Делчев, него го предаваат и убиваат во Баница тогаш, пред еден и пол век. Денес повторно го убиваат Учителот. Која е нашата Баница денес?

 

* Десничарскиот простачки национализам постапно го еутанизира концептот на науката и знаењето, сведувајќи ги на потребите за администрирање на авторитарната држава (учителите како државни службеници и администратори), и ја претпоставува религијата и верата како ирационален колективистички еманципаторски светилник.

 

* Колективистичкиот, национален и фантамазгоричен идентитет на нацијата жртва – ги апсорбира како црна дупка еманципаторските потенцијали и искуства на индивидуалните човекови права, мултикутурен соживот и алтернативни слободарски пракси на ранливите групи.

 

* Наместо морални автентични ликови, спремни за слободата, школуваат партиски клонови, религиски фундаменталисти, неспособни за ништо друго освен субмисивност и тап-поглед удолу: млади луѓе кои не ја знаат сопствената историја, за која ги подготвуваат да гинат како ново топовско месо, а и граматиката и правописот на сопствениот македонски јазик не го знаат – одвај само “мим“ на Фејсбук да напишат.

 

Глобален тренд на националистичката, традиционалистичка десница е антиинтелектуализмот и маргинализација на знаењето и неговата моќ.

 

Историјата, која им ја сервираат на своите хормонални клонови, од нив создава агресивни толпи, напоени со инфантилни, црно-бели, главно измислени идеи за сопствената нација и нејзината положба и мисија. Со токсична патријахалност и мизогинија против сите можни еднаквости во заедницата, решени да ја доведат “во ред“ конечно.

Ванчо Михајлов убива 5.200 македонски интелектуалци (што е главно евидентирано) во периодот на големите пресметки во ВМРО. Тоа, од 600-700 000 Македонци кои живеат во тој период во Македонија, според Турските дефтери, е цветот на македонската интелигенција. Тоа е генетско осакатување на нацијата. Нам ни останаа овие бучуци-во-главите со навлечени хулахопки на нив, со кои ние денес се расправаме.

 

Денес, тие создаваат бирократи во духот или “господари на малите нешта“ зад шалтерите и во канцелариите: кои одлучуваат за нешто мало за Вас, вашата нервоза ги храни, имаат пригоден садизам на празен од на одлучувачи во хиерархискиот ум. Млади луѓе, чувари на ништо.

Како вели Блаже Конески: „Ќе дојде време на лажни пророци…“ ЕЕЕ, Драги мои – ова е тоа време!

 

Наспроти ова, Учителот и образованието приопштува моќ со која субјектот на младиот човек се „субјективизира“, станува индивидуа и персона. Го насочува нивното саморазбирање и разбирањето на Другиот. Ги учи младите дека идентитетот и себноста се конструирани наративи, создадени од демократска меморија, слики, страв, желби и социјална рефлексивност. Дека идентитетот е номадски, од патување соочено со Другиот – во и вон себе.

 

Цивилизацијата, моралот и културата кај сите нации, па и македонската е резултат на долги секвенци на доместификација, повнатрешнување на образованието, на учењето.

Учењето низ хуманистичките науки ги посочува моралните избори кои човек ги прави и за кои се бори, а кои, без знаење на консеквенците и искуството на Учителите – се празни или опасни. Каде дисциплината на совладување на материјалот доаѓа пред праксата на слободата, за таа да биде исполнета. Каде автономијата следи после подвргнувањето на дрилот, тренингот и структурата – за конечно да се оформи во способност за критичко мислење.

Низ образованието, учителот ја култивира за студентот историската свест за победите и поразите на нациите и својата, создава демократска меморија и посебно важната трансформирачка меморија за срамот, вината и свест за сторените недела на нацијата во минатото.

Тоа е силата на образованието и улогата на Учителот. За тоа треба да се имаат “кожни гаќи“ или кожни опинци како велат нашите.

Back to top button
Close