Македонија на колена – распаднат систем

Колумна на Трифун Костовски

 Почитувани читатели, ќе си земам за слобода да дадам мои согледувања за доброто на  Македонија и што треба да правиме ,,за однапред” затоа што секојдневно им ја уништуваме иднината на младината. Македонија треба да гради долгорочни планови за  свое опстојување, како силна независна држава на задоволни граѓани кои ќе ја поддржуваат и развиваат својата татковина. Македонија мора да се врати на својот фундамент, на цврстите темели на патриотизмот и лојалноста за коишто не  се зборуваат, туку се делува.
Моите гледишта се резултат на нашата денешна реалност. Гледам држава со распаднат систем. Македонија денеска се доживува како економски слабо развиена земја, со силно развиени криминал и корупција, со длабоко закопани право и правда и без визија. Неизвесноста е сеприсутна. Сите се прашуваме   дали некогаш правото  и правдата ќе се појават на виделина во реалниот живот.
Најсилниот сегмент за градење стабилна  држава  е изборот на визионери со рационален приод кон стратегиите  каде нашата Македонија треба да се движи.
На секоја држава најзначаен сегмент е економијата. Во зависност од економијата се креира нашето вистинско место во регионот и во очите на светската заедница. Неразвиена економски држава е осудена на себеуништување. Ние, граѓаните на Република Македонија, сакаме функционален систем, а не импровизација!
За развој на економијата  потребна е силна интелектуална група од искусни професионалци со конкретни планови за  макроекономските потреби на државата. За да стасаме до ваква нужно потребна  елитна, визионерска екипа, неопходни се следните чекори кои треба час поскоро да ги решаваме.
Прв чекор, кој ние како демократски политички систем го практикуваме, е создавање на чувството за  лојалност и патриотизам кај секоја етничка заедница, која живее во Македонија.
Многу битен фундамент, кој што мора да се имплементира во системот и да се практикува во секојдневието. За да  успее  идејата за заеднички патриотизам и лојалност кон државата, политичките партии мора да одиграат сериозна улога.
Вториот сегмент, кој мора суштински да се постави на цврсти нозе,  е образованието. Во сите сегменти на образованието мораме да ги имплементираме најмодерните едукативни приоди за создавање квалитетни, образовани поединци по завршувањето на нивниот образовен процес.
Кога се работи за  образованието на нашите поколенија, мора да бидеме ригорозни  и да инсистираме на квалитетен едукативен кадар во сите сегменти на образованието.
Само со  силно образование ќе создаваме силна иднина, и за  државата и за секој поединец во неа. Без силно образование самите себе се уништуваме.
Третиот сегмент е создавање на силен здравствен систем. Здравствениот систем мора да биде достапен за секој граѓанин. Добро воспитан, високо образован и здрав човек  е основната клетка за создавање на силно општество со визија за иднина.
Без образование, здравство и економија нема држава!
Од сите три сегменти, што  имаме денеска?
Жална економијата во која 25% од бруто националниот доход се создава во индустриските зони со привлечен странски капитал. Слободните индустриски зони во вкупниот годишен извоз на нашата Македонија учествуваат 50%.
Слободните индустриски зони ги доживувам како срамен државен потег. Сопствените граѓани се нудат како  работничка класа за која сите придонеси за пензиско, здравствено и социјално осигурување си ги плаќаме ние, граѓаните. Дополнително, самото привлекување на овие странски инвеститори, кои јас ги именувам како бизнис номади, пак ги плаќаме ние граѓаните на Република Македонија давајќи  невидени бенефиции за нивното привлекување.
Со ваков владин потег, јас лично се чувствувам понижен и не  сум единствениот кој го има  чувството на понизност во очите на нашите европски и светски партнери. Кога државата ги понижува сопствените граѓани нема среќна младина,  задоволни граѓани и право на иднина.
Нашата Македонија мора да се врати на базичниот систем на економски развој, а тоа се земјоделие и сточарство. Храната од секогаш била и останала фундаментален производ, неопходен за опстанокот на човекот на планетата Земја.
Суштинскиот сегмент,  образованието, веќе го доживуваме како дегутантно, простачко продавање и купување на дипломи. Држава со купопродажни дипломи без знаење и здравство без избор е држава со распаднат систем. Жално е што образованието стана бизнис, наместо  просветни,  едукативни институции. Страшните последици се што ниту знаењето, ниту  професионалноста  ги добиваме како финален резултат кој ќе резултира со градење на стабилен државен систем.
Во Македонија постојат 41 универзитети, за  помалку од 2 милиона население. Неопходно е преземање на сериозни мерки, утврдени со конкретни закони за враќање на образованието во функција и потребите на општествениот развој на нашата земја.
Здравствениот систем е паднат на многу ниско ниво. Граѓаните  го чувствуваат тоа врз својот грб, кога ги поминуваат болничките шалтери, ходници и ординации. Крајно неодговорен и нехуман пристап за најбитното нешто, нашето здравје.
Поради нефункционалноста на јавното здравство се појавија приватни клиники, кои за македонските стандарди и  услови се многу функционални, но исто толку и многу скапи. Не секој поединец може да си дозволи да биде лекуван на приватните клиники. Повторно и тука се поставува базичното прашање,  зошто Владата на Република Македонија не презема мерки за носење на позитивни закони за вметнување на приватните клиники во интерес на граѓаните кои со децении наназад плаќале и сѐ уште плаќаат придонеси за сопственото здравје?!
Поединецот во нашиот секојдневен здравствен систем нема избор каде да го плаќа својот придонес. Кога не може да се потпре на државниот  здравствен систем, мора да биде изложен на дополнителни финансиски давачки за да си го сочува здравјето.
За мене, мои почитувани читатели,  ова е лакрдија од здравствениот систем во Република Македонија! За жал, болеста и смртта не се лакрдии.
Ако Владата ме принудува да плаќам придонес за моето лично здравје во рамките на државниот систем, тогаш  мора да ми гарантира солидно здравство, независно дали тоа ќе биде во државна или приватна здравствена установа.
Почитувани читатели, сѐ што напишав  погоре сметам дека е суштинско за  основните постулати за креирање нормална држава со спокојни  граѓани.
Со квалитетно домашно воспитување, образование и здравство се креира иднината на секоја држава, правото и правдата сами по себе ќе завладеат во еден  таков, суштински изграден систем.
Порака до сите политички партии, е да се  отворат  кон своите граѓаните, да ги апсорбираат во своето опкружување  високо образованите  интелектуалци со искуство, за да може да испорачаат  сериозни резултати од политичките, предизборни  ветувања.
Без поединци со визија, знаење и искуство тешко ќе можеме да изградиме систем на безбедни граѓаните и право на иднина.
Не сакам веќе да го гледам егзодусот на младите мозоци! Не сакам да бидеме сведоци на масовното заминување на младата популација токму поради несериозно и неодговорно  владеење!
 Крајно време  е да почнеме да живееме, а не да преживуваме…

Back to top button
Close