Таткото на загинатата Надица од „Пулс“: Нема да дозволиме некој да си ја пере совеста врз смртта на нашите деца

„Нема да дозволиме некој да си ја пере совеста врз туѓа трагедија. Нема да дозволиме никој да гази врз смртта на нашите деца за да ја спаси сопствената позиција или углед.“ Со овие зборови Александар Наунов, татко на загинатата Надица во трагедијата „Пулс“, повторно се обрати пред јавноста, нагласувајќи дека родителите остануваат обединети во борбата за целосна одговорност.

Тој посочи дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со случајот, но дека, според него, постојат и други со „многу поголема моќ, обврски и надлежности“ кои засега не се опфатени со обвинението. „Тоа што денес не се опфатени не значи дека се ослободени од одговорност. Законот е јасен – ова дело не застарува. Ќе има ден и ќе ги чекаме и нив на обвинителна клупа“, рече Наунов.

Осврнувајќи се на информациите дека се бара свикување колегиум за повторно разгледување на обвинението и евентуално ослободување на дел од обвинетите, тој порача дека „колегиумот може да прегледува документи, но не може да брише факти, пропусти и нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт“.

Наунов направи разлика меѓу човечкиот инстинкт за самоодбрана и службената должност. „Кој помогнал – чест му и слава. Кој не помогнал – тоа е слабост на човекот, а не доказ за вина. Но суштината е во тоа кој имал должност, а не ја извршил. Кој имал овластување и не го употребил. Кој имал моќ, а ја свртел главата“, истакна тој.

Тој нагласи дека родителите не бараат одмазда, туку правда и систем што ќе ги штити децата. „Ревизијата е техничка процедура, не е амнестија. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Вистината ќе излезе на виделина, сакал некој или не“, порача Наунов, најавувајќи дека борбата ќе продолжи сè додека не се утврди целосната одговорност за трагедијата објави Скопје1.мк

Back to top button
Close