Филипче: Пад на странските инвестиции минатата година во споредба со 2024 година

Македонската економија тоне, граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Имавме конструктивни предлози како да им помогнеме на граѓаните, како да се зголеми минималната плата, за жал сето тоа власта го одби. Но, на економски план се случуваат консекутивни работи што ние ги најавивме и на што укажуваме, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
– Еден дел од сето тоа се и последните податоци од Народната банка, што покажуваат драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, има намалување на странските инвестиции во 2025 година за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година. Односно, во 2024 година, како резултат на сите економски политики од Владата на СДСМ изминатите седум години, има кулминација и највисока рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. И тоа е практично резултатот на економската политика на оваа Влада, подвлече Филипче.
За време на владите на СДСМ, посочи дека се отвориле 16 фабрики како резултат на директните странски инвестиции како што се Гересхајмер, Магна, Леар, ДНЗ и се генерирале над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
– Што сега се случува? Германскиот гигант Актив официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400–500 работници без работа. Во фабриката Дура се кратат производни линии, Магна го стопираше своето претходно најавено ширење, практично илјадници работни места се под ризик. Разликата е кристално јасна – ние отвoравме фабрики, се отвoраа работни места со добри и високи плати, а сега работниците се оставени во ризик и со егзистенцијални проблеми, рече претседателот на СДСМ.
Посочи дека дупката во Буџетот е близу две милијарди евра, а задолжувањата растат.
Се осврна и на барањето за зголемување на минималната плата и на земјоделството каде рече дека се намалени субвенциите за тутунарите, сточарите и лозарите.
Претседателот на СДСМ, во одговор на новинарско прашање, го повтори ставот на партијата дека случајот со враќањето на Артан Груби и одлуката за куќен притвор се јасен показател дека, како што вели, постои политички договор и директно влијание врз судството и Обвинителството од страна на власта.






