МВР: Спречено самоубиство, брзо е пронајден малолетник кој објавил на социјалните мрежи дека сака да си го одземе животот

Од МВР појаснуваат дека благодарение на навремена интервенција на Секторот за компјутерски криминал малолетно лице било пронајдено безбедно.

-Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на изминатото деноноќие, при редовните активности за следење на дигиталниот простор, беше детектирана објава на социјална мрежа со содржина што укажуваше на можна намера за самоубиство од страна на малолетен корисник.

Веднаш по добиените сознанија беше постапено итно и координирано, при што беа преземени сите неопходни мерки и активности за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето. За кратко време корисникот беше пронајден, извршен е разговор и констатирано е дека лицето е безбедно и во добра состојба. За настанот се известени и родителите, кои се запознаени со целокупната состојба и понатамошните чекори, велат од МВР.

Оттаму апелираат до родителите, сооучениците, пријателите, дека навремена реакција може да спаси живот.

-Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Апелираме до родителите да одржуваат редовна и отворена комуникација со своите деца, да покажуваат интерес за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат навремено при забележување повлеченост, вознемиреност, заканувачки или загрижувачки објави и други несвојствени однесувања.

Воедно, упатуваме апел и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави со содржина што упатува на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на самата платформа, а доколку им е познат идентитетот на лицето, да известат родител, старател, наставник, друго возрасно лице или најблиската полициска станица.

Навремената реакција може да спаси човечки живот. Заедничката одговорност, вниманието и грижата се клучни во спречувањето на трагедии. Секторот за компјутерски криминал останува посветен на заштитата на граѓаните во дигиталниот простор и ќе продолжи со засилени активности во насока на рано откривање и превенција на ризични појави, велат од МВР.

Извор: fokus.mk

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close