„Со туѓ труд и со туѓи перја навистина и лесно се фотографира“, Градоначалникот на Паланка реагира оти не бил повикан на отварањето на обиколницата

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски, реагираше на социјалните мрежи по повод пуштањето во употреба на  патот што минува низ општината, посочувајќи дека не бил поканет на настанот од страна на Владата.

Во објавата, Митовски наведува дека изоставувањето на првиот човек на општината не може да се смета за протоколарна грешка, туку, како што посочува, прашање на принцип и политичка зрелост. Според него, кога во прв план се става партиското раководство, а институциите се оставаат во втор план, пораката е јасна.

Вчера се воздржав од коментари, затоа што денот ми беше навистина посебен и празничен, поминат со прекрасните луѓе од Конопница. Но денес чувствувам обврска да кажам неколку зборови.

Да се пушта во употреба магистрален пат што минува низ општината, а притоа да не се покани првиот човек на општината, не е протоколарна грешка – туку најверојатно прашање на принцип и политичка зрелост.

Кога институциите се ставаат во втор план, а во прв план доаѓа партиското раководство, тогаш пораката е повеќе од јасна.

Особено ако станува збор за проект чија подготовка, проектирање и финансиско обезбедување се реализирани во време на СДСМ и кој е вклучен во програмите на државните патишта. Со туѓ труд и со туѓи перја навистина и лесно се фотографира

Но граѓаните во Крива Паланка одамна ја препознаваат разликата помеѓу развој и маркетинг – и тоа го кажаа и на последните локални избори.

Тие сакаат работа, резултати и меѓусебна почит.

А тоа не се гради со пресечени ленти, туку со одговорност и вистинска работа“, стои во објавата на Митовски.

Back to top button
Close