Кој од власта ќе одговара за петте тони дрога, прашуваат од СДСМ
Според портпаролката Кузеска, први што треба да бидат одговорни се македонската полиција и безбедносните служби, а потоа и тие во Царината бидејќи, како што вели, дрогата била препакувана како перници и на тој начин се пренесувала преку македонската граница, а никој не презел ништо на толку скенери и контроли.

Посочи дека не може да има уапсени магационери, превозници и сопственици на фирми, а главните организатори на овој шверц да се кријат
Кој од врвот на власта ќе одговара за најголемиот наркоскандал во регионот со заплена на пет тони дрога во соседна Србија, пристигната од Македонија, прашуваат денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), посочувајќи дека повеќе од 30 дена нема одговор на прашањето како пратката ја поминала границата.
„Од сите информации кои досега се достапни јасно е дека станува збор за високо организирана криминална група што не можела да функционира без поддршка од лица на највисоки позиции во власта. Не успеа кампањата со обиди да се вмеша СДСМ и опозицијата за да се амнестира актуелната власт“рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Посочи дека за овој наркоскандал има три клучни аспекти за одговорност, од кои едниот е токму околината на Свети Николе, каде што се правел претовар на дрогата.
„Од фабриката на кругот на ОХИС ‘Алфафарм‘ дрогата била натоварена и транспортирана до Свети Николе. Внимавајте, без полициска придружба како што налагаат законите. Кој ова го дозволил – е првото клучно прашање. Зошто не е правена контрола во фабриката? Оваа фирма, која работи во просториите на ОХИС, е основана во мај 2024 година, во време на ВМРО. Дрогата била свежа, одгледана во време на актуелната власт. А пакувањето во кругот на ‘Охис‘ започнало во средината на декември 2025 година. Од втората фабрика, ‘Грин лајф‘ имало исто така пратка со дрога. Сите овие пратки ја поминале слободно половина Македонија. На 65 илјади камери, на патроли, контроли никој ништо не проверил. Случајно?“ таа.
Според неа, први што треба да бидат одговорни се македонската полиција и безбедносните служби, а потоа и тие во Царината бидејќи, како што вели, дрогата била препакувана како перници и на тој начин се пренесувала преку македонската граница, а никој не презел ништо на толку скенери и контроли.
„Конечно, целата пратка од пет тони завршила во магацин на локални функционери на СНС во Србија, сестринска партија на ВМРО. Бил близок со српскиот министер за одбрана Гашиќ и изјавил дека станува збор за ‘државна работа‘. Ова е третиот аспект на поврзаност со блиска политичка структура во двете земји“вели Кузеска.
Посочи дека не може да има уапсени магационери, превозници и сопственици на фирми, а главните организатори на овој шверц да се кријат.
„Кој од власта ќе одговара?“,праша таа.
Основното јавно обвинителство за гонење организирани криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) на 20 февруари информира дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против шест лица осомничени дека сториле кривично дело – неовластено изработување и пуштање во промет наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори.
Истражната постапка се темели на докази и од документација од оформен предмет на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија, а е добиена преку меѓународна правна помош.
Поради тоа постојат сомневања дека овие лица се поврзани со запленетите пет тони марихуана во Србија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, рече дека е поднесена кривична пријава против десет осомничени лица дека се поврзани со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога, како дел од истрагата поврзана со запленетите 40 тони канабис.
Посочи дека истрагата што ја води Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е поврзана и со дрогата пронајдена во соседна Србија, за која постојат индиции дека потекнува од производствени капацитети за т.н. медицински канабис во државата.






